Handan Kazancı
10 Ноември 2016•Ажурирај: 11 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Изборната победа на Доналд Трамп ѝ дава можност на Турција за нов пристап кон понекогаш поделените односи меѓу Анкара и Вашингтон, велат аналитичари за Anadolu Agency (AA).
За време на претседателствувањето на претседателот Барак Обама, двете земји се оддалечија, особено во однос на прашањето за терористичките ПКК/ПЈД, кои делуваат во Сирија, како и поради неделување од страна на САД во однос на екстрадицијата на Фетула Ѓулен, обвинет од Турција како главен организатор на обидот за државен удар на 15. јули.
„Можеби ова ќе биде можност за надминување на кризата во довербата што неодамна ги зафати владите на Анкара и Вашингтон“, рече професорот по политички науки, Бирол Акѓун.
„За разлика од администрацијата на Клинтон, администрацијата на Трамп ќе ја слуша Анкара посериозно“, рече тој.
Акѓун, кој раководи со фондацијата „Маариф“, поддржана од владата, рече дека новата администрација на почетокот може да создаде клима на неизвесност.
„Доколку победеше Хилари Клинтон, тогаш тоа ќе беше само продолжение на политиката на Обама“, рече тој. „Ќе беше повеќе од јасно како Клинтон ќе дејствува, бидејќи беше на функцијата државен секретар во администрацијата на Обама“.
Клинтон ја водеше американската надворешна политика од 2009 до 2013 година.
„Иднината на Сирија, поддршката на САД кон својот сириски сојузник ПКК/ПЈД и екстрадицијата на Ѓулен од САД ќе бидат прашања од врвот на листата на Турција, кои ќе ѝ бидат претставени на новата администрација“, истакна Акѓун.
Бурханетин Дуран, главниот координатор на експертската група СЕТА, финансирана од владата, рече дека претседателството на Трамп ќе ги размрда односите на САД со остатокот од светот, повикувајќи се на изборните ветувања на Трамп дека ќе ги разгледа трговските договори, како и односите на Вашингтон со НАТО.
„Изборот на Трамп, човекот кој даде остри коментари во врска со жените, доселениците и муслиманите, ќе донесе дискусии за тоа што всушност претставува демократијата“, рече Дуран.
Нурсин Атесоглу Ѓунеј, шеф на Одделот за меѓународни односи на Техничкиот универзитет Јилдиз, ја опиша победата на Трамп над Клинтон и нејзината широка поддршка од страна на американските медиуми како огромен успех.
„Бев многу загрижена дека Клинтон би можела да победи затоа што... таа е одговорна за она што се случува на Блискиот Исток во последните осум години“, рече таа.
Таа додаде: „Овој резултат ќе биде здивнување за Турција. Јас не мислам дека ќе има голема промена во чувствителноста на надворешната политика на САД со изборот на Трамп. Но соочувањето со нов политичар, кој е ослободен од групите што ја поддржуваат Клинтон, ќе отвори нова преговарачка позиција“.