Stipe Mayic
27 Август 2017•Ажурирај: 28 Август 2017
ЗАГРЕБ (АА) - „Subspace“ (Сабспејс) е првиот хостел во Европската Унија во кој наместо класични спални соби, на гостите им се нудат технолошки високоопремени капсули за спиење. Станува збор за идеја од Јапонија, која овозможува конфорно, ефтино имагинарно ноќевање од 21. век во Загреб, јавува Anadolu Agency (AA).
Хрватска од година во година успешно ги урива сопствените рекорди на туристичка посетеност, а со сѐ поголемиот број гости и конкуренција, расте и потребата од поголем број места за ноќевање. Со цел да понудат нешто посебно, хрватските хостелиери се досетуваат на најразлични креативни решенија. По хостелот во вагон на споредниот колосек на Железничката станица, во Загреб е отворен и хостел кој дава атмосфера на меѓустеларно патување со криптокомори.
Во декември минатата година во центарот на Загреб, недалеку од плоштадот на Бан Јелачиќ, е отворен хостелот „Subspace“.
Тоа е хостел со 22 капсули за спиење, кои на гостите им сугерираат футуристичко доживување налик на вселенско патување. Капсулите наликуваат како да се дел од сценарио на СФ филмови на Стенли Кјубрик или за оние со клаустрофобија, на филмовите на Ридли Скот.
Леона, една од вработените во хостелот, рече дека капсулите можат успешно да им помогнат на лицата кои страдаат од клаустрофобија.
Секоја капсула има доволно простор за пријатен престој на едно или на две лица. Со вентилација и четири нивоа на осветлување, капсулите се опремени со сеф, огледало, УСБ полнач и ЛЕД екран, како и слушалки на кои е достапна содржина од интернет.
Постојат три нивоа на опременост на капсулите, според што се формирани и цените за ноќевање, кои барем за центарот на Загреб се повеќе од прифатливи.
„Паралелен фиктивен простор” е додаток на името на овој необичен хостел кој рачно го наслика проф. Томислав Бунтак од загребачката Ликовна академија. Сликите на овој академски сликар, изработени со различки типови на фломастери на тематика паралелни светови, покриваат околу 600 м2 од ѕидовите и таваните на хостелот, а на нив се поставени повеќе од 500 ликови од кои ниту еден нема сериозел израз, што на целиот хостел му дава посебна емоција и енергија.
Дел од таванот е осликан со посебен фломастер кој е видлив само со специјално осветлување, а претставува визија за небото од страна на уметникот.
Идеата за спиење во капсули изворно настана пред дваесетина години во Јапан, поради потребата од високо искористување на просторот. Вакви капсули настанаа како одговор на потребите на Јапонците од големите градови, на кои поекономично им е да преспијат близу местото каде работат отколку да патуваат во предградието и да се вратат на работа
Капсулите во „Subspace“ се изработени во Кина од посебен незапалив материјал кој се користи за изработка на внатрешноста на авионите.
Бидејќи се првите кои ги увезоа овие капсули во Европската Унија, загрепските сопственици воедно се и застапници и претставници на оваа идеја која е веќе присутна во различни градови од светот.
„Овој тип на спиење нуди посебен облик на приватност и чувство на безбедност, така што наши најчести гости се жените. Околу 97 отсто од нашите гости се странски туристи од сите страни на светот”, рече Хрвоје Крлиќ, косопственик на хостелот.
За време на врвот на сезоната, спиењето во „Subspace“ чини од 19 до 27 евра за ноќ, додека вонсезонските цени се многу пониски.