Vesna Besic
14 Април 2026•Ажурирај: 14 Април 2026
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека Израел и Србија заедно ќе произведуваат беспилотни летала и дека неговата земја ќе ги има најдобрите дронови во овој дел од светот, јавува Анадолу.
На прашањето на новинарите да ги коментира поединечните тврдења дека Израел сам ќе гради фабрика за дронови во Србија, а потоа и беспилотни летала, Вучиќ праша дали тоа е пофалба или со тоа го критикуваат.
„Јас мислам дека ме фалат. Ние не умееме да направиме беспилотни летала какви што умее да направи Израел. Јас се гордеам со тоа, заеднички ќе го работиме тоа, ќе биде половина-половина, 50-50. Тоа покажува дека ќе ги имаме најдобрите дронови во овој дел од светот“, рече Вучиќ на одбележувањето на Денот на одредот на воената полиција за специјални намени „Кобри“.
Тој додаде дека „најсмешно му е кога некои медиуми тврдат дека авион со оружје или муниција полетал за Израел или на друго место“.
„Јас велам: 'Само еден?' Се надевам дека ќе бидат три, па следниот ден три и секој ден така бидејќи тоа зборува за нашите успеси и тоа зборува колку сме паметни да го осигуриме одбранбениот и безбедносниот систем на нашата земја и ќе продолжиме да го правиме тоа. Така што, за сè за што ме критикуваат – сè е точно, за сè имаат право бидејќи работиме многу повеќе отколку што тие мислат и ќе продолжиме“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател во март најави отворање на фабрика за производство на напредни дронови во Србија во соработка со странски партнер.
„Наскоро ја отвораме првата фабрика за беспилотни летала во нашата земја, многу сериозни, од најсериозната светска продукција. Работевме и досега, како армија и како приватни компании, на различни склопувања на помали дронови, 'Комарец 1', 'Комарец 2', имате приватни компании што го работат тоа“, додаде Вучиќ.