Besar Ademi
25 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, по средбата со својот косовски колега, Беџет Пацоли, нагласи дека Македонија и Косово имаат успешна билатерална комуникација, доверба и блиски политички односи, јавува Anadolu Agency (AA).
Димитров рече дека со својот колега се согласиле за одржување на заеднички владини седници, кои, како што рече тој, планирано е да се одржат на почетокот од наредната година. Димитров нагласи дека меѓу двете соседни земји се потпишани многу договори за соработка, но, според него, соработката треба да се унапредува, особено во областа на инфраструктурата.
„Заклучивме дека пред нашиот регион има една шанса што можеме да ја искористиме, и таа се темели на зголемениот интерес на Европа кон нашиот регион, на надежта дека ќе зачекориме и ќе направиме прогрес во 2018 година, и тој пат во основа зависи од две работи. Прво, колку меѓу себе ќе се однесуваме соседски и европски, толку повеќе ќе ја искористиме оваа шанса сите ние заедно. Второ, секој од нас дома, колку поголем прогрес ќе има во реформите, толку ќе си ги зголемиме шансите“, рече Димитров.
На новинарското прашање за тоа дали на средбата е дискутирано нешто конкретно околу поддршката за членството на Косово во УНЕСКО, Димитров одговори дека апликацијата на Косово за УНЕСКО е одложена и оти сега не е време тоа да се дискутира, но, додаде дека Македонија ова прашање го третира со исклучителна внимателност, бидејќи се работи за прашање што ги дели двата нејзини соседи.
„Ние нема да имаме тука клучна улога, токму поради тоа што ова пршање тангира два наши соседа и штом тоа дојде на дневен ред. Можеби нема да дојде на дневен ред, можеби ќе има некаков договор претходно. Ќе видиме што ќе се случува, ќе го имаме предвид интересот на нашите пријатели од Косово, ќе го имаме предвид интересот на нашите пријатели од Србија и, се разбира, ќе донесеме одлука согласно интересите на Република Македонија што ги вклучуваат интересите на нашите сограѓани коишто се припадници на албанската заедница“, истакна Димитров.
Димитров апелираше дека сите сите земји во регионот треба да најдат решение за да бидат на истата страна, бидејќи, според него, ова ќе го олесни нивниот пат до Европа.
Од друга страна, министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, кој престојува во еднодневна официјална посета во Македонија, истакна дека Косово ја поддржува и ќе продолжи да ја поддржува секоја иницијатива што ќе даде придонес во унапредувањето на односите меѓу двете соседни земји.
„Македонија е многу важна земја за напредокот на Косово. Македонија е важна за поддржување на Косово на неговиот пат како нова држава, и важна за безбедноста на Косово. Поради ова, инсистираме и ќе направиме сѐ таму каде што можеме, да дадеме наш придонес за Македонија што поскоро да биде членка на НАТО“, рече Пацоли.
Тој се осврна и на зголемувањето на трговската размена меѓу двете земји, и истакна дека ова треба да се унапредува со слободното движење на граѓаните на двете земји, односно поминувањето низ границите и без лични карти, што сега се спроведува.
Шефот на косовската дипломатија за време на неговата посета на Македонија ќе се состане и со премиерот на Македонија, Зоран Заев, и со претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери.