Husamedin Gina
27 Февруари 2019•Ажурирај: 28 Февруари 2019
СКОПЈЕ (AA) – Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, на денешната неформална средба со новинарите одговараше на прашањата за прекинатата седницата за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски, без гласање во предвидениот рок, јавува Anadolu Agency (AA).
Талат Џафери на неформалната средба нагласи дека Собранието не може да донесе одлука врз основа на барање на судот, туку само врз основа на заклучокот на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања.
„Заклучокот на Комисијата треба да се стави на гласање. Комисијата поднесе извештај. А извештај и заклучок е различно. Штом има поднесен извештај од Комисијата, јас имам правна обврска да свикам седница. А дали ќе имам предмет за одлучување или не зависи од предлог-заклучокот. Јас немам надлежност да го вратам извештајот на Комисијата“, истакна Џафери.
Тој на брифингот, исто така, посочи дека одговорноста за евентуално бегство на Трајко Вељаноски, кому не му беше одземен имунитетот, не може да се бара во Парламентот, туку ќе биде кај судот.
„Според законот, одговорноста ќе биде кај институцијата судот. Јас немам коментар за тие медиумски изјави на обвинителката. Јас го читам Законот за кривична постапка и таму е определено како се постапува и кој каква должност има“, истакна Џафери.
Обвинителката Вилма Русковска, откако пратениците не му го одзедоа мандатот на Вељаноски, кажа дека одговорноста за евентуалното бегство ќе биде кај пратениците.
Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не донесе одлука за барањето на Кривичниот суд за одобрување притвор на пратеникот и поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, сегашен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседтел на Собранието, поради сомнение за вмешаност во настаните од 27 април во 2017 година, кога стотици демонстранти, кои насилно влегоа во зградата на Собранието, повредија околу 100 лица, вклучувајќи пратеници, полицајци и медиумски претставници.
За одземање на мандатот гласаа четворица членови на Комисијата, а исто толку беа против.
И народните избраници на пленарната седница, што се одржа во неделата, не гласаа за одземање на имунитетот на Вељаноски.
Тензичната собраниска седница почна во вечерните часови, а по речиси два часа, на полноќ, беше прекината од претседателот на Собранието, Талат Џафери.