Alma Dekovic
20 Јануари 2022•Ажурирај: 21 Јануари 2022
САРАЕВО (АА) - Администраторката на Американската агенција за меѓународен развој (USAID), Саманта Пауер, во Сараево изјави дека САД нема да се двоумат да дејствуваат против оние кои доведуваат до поделба и дестабилизација во Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Таа по утринската средба со некогашните воени логораши во Босна и Херцеговина зборуваше за медиумите во Баш-чаршијата во Сараево, при што се осврна на својот престој во БиХ за време на војната, но и односите на САД кон БиХ.
„Искуството што го стекнав тука го промени мојот живот и ми даде мотивација да ја посветам целата моја кариера на промовирање мир и човекови права. БиХ сега е на многу сериозна раскрсница“, рече Пауер по средбата со поранешните логораши, која таа ја опиша како многу емотивна.
Како што изјави таа, нивните приказни ја потсетиле дека БиХ и нејзините граѓани никогаш не треба да се вратат назад.
„Политиката е тешка, но војната е страшна. Она што беше многу инспиративно е тоа што тие не ги користат своите емоции и она што го доживеале во минатото, туку своето искуство во сегашноста за да ги обединат заедниците“, рече таа.
Таа посочи дека одржала средба и со истражувачки новинари, кои, ризикувајќи ги своите животи, откриваат корупција и криминал.
Нагласи дека во текот на денот ќе има средба со младите во БиХ кои ќе прашаат дали има „иднина во БиХ“ за нив, а најави и средба со претприемачи „кои се обидуваат да ги задржат луѓето во земјата“.
Освен тоа, за утре е планирана средба со членовите на Претседателството на БиХ.
„Очекувам искрен дијалог со тричленото претседателство, за да се разговара за очајно потребните реформи за политичките и економските структури на БиХ“, рече Пауер.
Таа посочи дека за време на престојот во БиХ ќе ја пренесе и пораката на американскиот претседател Бајден дека „САД се со граѓаните на БиХ“.
„САД беа со овие граѓани за време на војната кога јас бев тука и работев како новинар. Ние сме со граѓаните и народот на оваа земја 26 години, и сега сме со вас. Многу е важно секој поединец да препознае дека потпалувањето оган на поделби е опасно. Тоа нема да создаде економски можности што луѓето во оваа земја толку многу ги сакаат“, рече Пауер.
Таа додаде дека заканите за повлекување од институциите на државно ниво ја загрозуваат стабилноста постигната пред 26 години.
„Овие закани немаат никакво економско ниту функционално значење. Но ние, исто така, сакаме да разговараме и за тоа што можат да направат САД за да ги поддржат аспирациите на сите луѓе во БиХ. Тоа треба да биде фокусот на државните институции. Како да се создаде економски раст, како да се отворат нови работни места. Како да се бориш против пандемијата која не запира ниту во оваа, ниту во мојата земја. Треба да зборуваме и за корупцијата, која е главна пречка“, рече американската официјална претставничка.
Таа на крајот истакна дека зајакнувањето на силите на поделба не е во ничиј интерес, а се осврна и на санкциите што нејзината земја ги вовела кон членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик.
„Што се однесува до санкциите, САД и нашите европски пријатели се посветени на борбата за одговорност. Нема да се двоумиме да дејствуваме против оние кои се корумпирани, кои доведуваат до поделба и дестабилизација, а на сметка на граѓаните на оваа земја“, рече Пауер.