Husamedin Gina
25 Април 2019•Ажурирај: 27 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, денес се обрати на тркалезната маса „Економските предизвици и ефекти од евроатланските интеграции“, во организација на Институтот за стратегија и развој (ИСД), јавува Anadolu Agency (AA).
На тркалезната маса учествуваа министерот без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан; главниот советник за трговски односи при турската амбасада во Скопје, Бунјамин Кутлу; координаторот на ТИКА во Скопје, Ајтекин Ајден; претседателот на Институтот за стратегија и развој, Туна Ејуп Кахвеџи; директорот на „Халк Банк“ во Северна Македонија, Билал Суџубаши; директорот на Турската фондација „Мариф“, Мустафа Дилиоглу; главниот советник за трговски односи при турската амбасада во Скопје, Бунјамин Кутлу; членот на Управниот одбор на „Џевахир Холдинг“, Есер Џевахир; претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС), Мунир Колашинац; голем број претставници на турските институции во земјата, бизнисмени и други гости.
Во своето обраќање премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, потсети на стратешката цел на Северна Македонија, да стане дел од евроатланското семејство и за економските придобивки од тоа членство.
„Како идна 30. земја членка [на НАТО] сакаме да обезбедиме придонес за понатамошно обликување на Западен Балкан во мирен, просперитетен и демократски регион, и да дадеме сериозен придонес во мирот, стабилноста и безбедноста на цела Југоисточна Европа“, нагласи Заев, додавајќи дека единствениот начин на малите земји да влијаат врз политиките и одлучувањето на глобално ниво е да станат партнери преку интеграциите во наднационалните организации.
Според премиерот Заев, економскиот раст на Северна Македонија во голема мера зависи од способноста на земјата да обезбеди одржлив мир и стабилност.
Истакнувајќи дека Северна Македонија, како 30. земја членка на НАТО ќе даде позитивен придонес во заедничките вредности, како што се посветеноста на демократијата, слободната пазарна економија, човековите права, премиерот Заев нагласи:
„Сакам навистина моментите на нашето зачленување во НАТО да бидат многу логични и со многу оправдани причини. Со тоа да покажеме и домашен капацитет дека одлуките не само што биле инспирирани од политички мотиви туку дека и во суштина нашата земја, пријател со сите, навистина заслужува да биде земја 30. членка на НАТО.“
Туна Ејуп Кахвеџи, претседател на Институтот за стратегија и развој, заблагодарувајќи се на премиерот за денешното учество на тркалезната маса, истакна дека состанокот ќе биде своевиден форум на кој политичарите, академиците, претставниците на бизнис-заедницата и младите ќе имаат можност отворено да разменуваат мислења за прашања од суштинска важност за економската иднина на Северна Македонија.
Во продолжението на тркалезната маса, претставниците на компаниите кои веќе се инвеститори во Северна Македонија, како што се директорот на „Халк Банк“ во Северна Македонија, Билал Суџубаши и членот на Управниот одбор на „Џевахир Холдинг“, Есер Џевахир, зборуваа за нивните искуства и перспективите на реалниот сектор во иднина.