Stipe Mayiç
21 Април 2017•Ажурирај: 22 Април 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Министерот за надворешни и европски работи, Давор Иво Стиер, се состана со литванскиот колега, министерот Линас Линкевичиус. Министрите разговараа за јакнењето на НАТО силите во источниот дел на Европа, а ги коментираа и хрватските односи со Словенија, како и односите со Руската Федерација, јавува Anadolu Agency (AA).
Линас Линкевичиус, зборувајќи за проблемот што Хрватска и Словенија го имаат од неодамна на граничните премини, порача дека очекува решение на проблемот на билатерално ниво.
Министерот Стиер по ова прашање изрази целосна поддршка за колегите во Министерството за внатрешни работи, за спроведување на новиот шенгенски правилник, и изјави дека комуницираат со словенечките колеги, комесарот Аврамопулос и со Европската комисија.
Хрватска и Литванија се активни парнери во рамките на НАТО и ЕУ, порачаа министрите.
Министерот Стиер истакна дека Хрватска и Литванија имаа низа заеднички твининг поректи за поддршка на државите од југоисточниот дел на Европа, во реформите на патот кон европските и евроатлантските интеграции.
Стиер најави дека од Хрватскиот сабор оваа година ќе побара да се одобри разместување до 150 хрватски војници во текот на 2018 година, во рамките на мисијата „Предна присутност“ во Литванија.
„Тоа не е насочено против никого, туку е знак на солидарност во рамките на НАТО сојузот“, изјави Стиер и најави дека ќе ја посети Москва во мај. Тој изјави дека очекува во Москва, меѓу останатото, да се разговара за ситуацијата во југоисточниот дел на Европа.
Во мај, министерот Стиер ќе ја посети и Анкара во рамките на трилатералата Хрватска, Турција, БиХ и промовирање на стабилноста во регионот.
„Би сакале да градиме односи со Руската Федерација, особено ние како соседи, но би сакале и тие односи да бидат градени на вредностите и принципите на меѓународните закони и немешање во туѓа политика“, порача Линкевичиус.
Двајцата министри ја оценија билатералната соработка на двете земји како одлична, со пораст на стоковата и туристичката размена. Истакната е соработката во подрачјето на енергетиката, особено на изградба на ЛНГ терминал на Крк, со оглед на успешните искуства на Литванија на полето на енергетското осамостојување.
Хрватска и Литванија оваа година одбележуваат 25-годишнина од дипломатските односи. Со Линкевичиус денес ќе се состане и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот на хрватското Собрание Божо Петров.