Admir Fazlagic
05 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Охрид се одржува меѓународна научна конференција во организација на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет при УКИМ и Факултетот за безбедност од Универзитетот во Белград, на темата „Балканот помеѓу Западот и Истокот: Стари и/или нови безбедносни предизвици“, каде што беше порачано дека регионалната соработка е предуслов за справување со безбедносните предизвици, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, беше издадено соопштение дека тој, како еден од учесниците на оваа конференција, во својот говор истакнал дека кога станува збор за мирот и безбедноста во регионот, сите треба да сме свесни оти постојат многу фактори и чинители кои ја детерминираат безбедноста на секоја држава поединечно и на регионот како целина.
„Притоа, поаѓам од степенот на демократија, владеењето на правото и правната држава во секоја држава, па сѐ до новата констелација на меѓународните односи. Кога зборувам за овие 'внатрешни' фактори кои ја детерминираат безбедноста, моето мислење е дека сѐ уште заостануваме кога станува збор за демократските процеси сфатени во нивната најширока смисла, како и во функционирањето на правната држава“, рече Џафери.
Како главна закана за мирот и безбедноста во регионот, Џафери ги посочи бегалската криза, односно балканската рута преку којашто поминаа стотици илјади бегалци, меѓународниот тероризам и организираниот криминал во сите негови форми и облици.
„Успешното справување со овие предизвици е можно само преку целосна соработка на сите држави во регионот. Имајќи предвид низ што сѐ поминаа државите од регионот на Западен Балкан во последната декада од минатиот век и на почетокот од ова столетие, како и старите, историски антагонизми, мислам дека сите сме свесни оти само преку билатерална и мултилатерална соработка можеме да ги надминеме меѓусебните недоразбирања и во исто време да одговориме на сите предизвици кои можат да го загрозат мирот и стабилноста на секоја држава, но и на регионот, па и пошироко“, порача Џафери.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека процесот на редефинирање на геополитичките односи во светот, започнат на крајот од минатиот век, влегува во подинамичен период.
Глобализацијата, мултиполарноста, цивилизациско-културолошките вредности, како и системските, пред сѐ правно-политичките стандарди, колку и да се набљудуваат како општествени концепти, истовремено може да се земат како параметри преку коишто се одредуваат димензиите или тенденциите на актуелното геополитичко пресложување на светската мапа. Историјата покажа дека ниту еден од тој судир на концепти не минува без турбуленции, сериозни закани и опасности и без жестоки спротивставувања“, рече министерот Спасовски.
Меѓународната научна конференција за безбедност што се одржува во Охрид ќе трае три дена. На конференцијата учествуваат експерти од областа на безбедноста од Велика Британија, Италија, Шпанија, Данска, Унгарија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија, БиХ и од Македонија.
Овој научен собир во Охрид има за цел на едно место да ги собере академските заедници од регионот, кои преку презентација на експертски трудови и размена на мислења, би придонеле во изнаоѓањето квалитетни насоки за справување со актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува современиот свет.