AA
13 Декември 2022•Ажурирај: 17 Декември 2022
ПОДГОРИЦА (АА) - Отворен Балкан е инклузивен сè додека постои покана за сите земји на Балканот. Ако некоја земја има одредена загриженост за потпишување договор, не постои никаков проблем да почека, изјави црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Абазовиќ во Подгорица се состана со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, со кого разговараше за билатералните односи меѓу двете земји. Една од темите беше и регионалната иницијатива Отворен Балкан.
„Сè што помага да се намалат тензиите во регионот е нешто што логично ѝ оди во прилог на Црна Гора. Отворен Балкан нема никаков основачки акт што бара од нас да прифатиме некој посебен договор, па тогаш можеби нема ни да можеме да излеземе без последици. Тоа не е НАТО, ниту Европската Унија, тоа е израз на добрата волја на една земја која сака да гради заедничка иднина со соседите околу одредени теми“, рече Абазовиќ.
„Доколку Отворен Балкан може малку да ја подобри регионалната соработка, Црна Гора е тука“, изјави премиерот во заминување Абазовиќ.
„Нема да нè боли главата што ќе имаме поголема соработка во регионот. Отворениот Балкан е инклузивен, а покана има и за сите земји од Балканот. Ако некоја земја има некакво стравување за потпишување договор, нема проблем да почека“, рече Абазовиќ.
Тој изјави дека му е жал што им се верува на оние што имаат „некои други намери“, регионот да не соработува и да остане во „челуста“ на деведесеттите.
Османи рече дека Отворен Балкан е една од 72-те иницијативи кои сочинуваат „само едно парче од мозаикот на регионалната соработка што би сакале да го изградиме“.
Тој истакна дека е неизбежно ослободување на економскиот потенцијал на регионот, додавајќи дека е неопходно да се отстранат административните пречки и дека регионот подобро комуницира.
„Специфичноста на оваа иницијатива е што е автохтона, што ја наследува културата на комуникација без потреба на тоа да нè повикуваат Брисел и Вашингтон. Мислам дека не сме ја тестирале нашата култура на комуникација меѓу себе, а оваа иницијатива ја разви таа култура, но не знаеме дали ќе биде одлучувачка“, рече Османи.
Тој додаде дека оваа иницијатива е легитимна, додавајќи дека на нив е да докажат дека Отворен Балкан има додатна вредност.
„Ако не го покажеме резултатот, ако е само празна приказна, сигурно не само што нема да дојдат нови членови, туку ќе си заминат и тие што се внатре“, рече Османи.
Тој рече дека Берлинскиот процес е чадор за регионална соработка, околу кој орбитираат други иницијативи, додавајќи ја својата специфичност на градбата на регионалната соработка.