Besar Ademi
29 Март 2017•Ажурирај: 30 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - На третиот ден од парламентарната дебата во Собранието на Република Македонија за формирање на Комисијата за избори и именувања, централна тема останува заедничката изјава на албанските партии во Македонија кои нагласија дека нема да учествуваат во новата влада ако не се исполнат барањата наведени во неа, јавува Anadolu Agency (AA).
За дебата околу Комисијата за избори и именувањата беа пријавени 51 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кои со репликите кон своите сопартијци, според СДСМ и ДУИ, имаат намера да ја одолговлекуваат и да ја блокираат следната процедура за избор на претседател на Собранието. Досега, правото на говор го користија само двајца пратеници.
Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ „платформата на албанските партии е подготвена од страна на Тирана и има за цел да го поткопа унитарниот карактер, суверенитетот и независноста на Македонија”.
Илија Димовски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, барајќи заедничката изјава на албанските партии да биде одбиена, истакна дека оваа е постизборна платформа и дека единствен начин за излез на земјата од политичката криза е да се одржат нови парламентарни избори заедно со локалните.
„Со оваа платформа ако победите со сите ваши ветувања за минимална плата за радиодифузна такса, ние нема да ве стопираме да ги реализирате ветувањата. Да најдеме гаранција, денеска ќе избереме претседател на Собрание, денеска ќе го распуштиме Собранието”, нагласи Димовски.
Пратеникот од ДУИ, Ејуп Халими, пред пратениците ја прочита заедничката изјава на албанските политички партии, каде исто така спомена неколку точки за кои СДСМ негираа дека се прифатени.
„Да беше ова изјава на Тирана, денес ние не би зборувале во овој Парламент, но вие како македонска партија ќе бевте задолжени да разговарате со Еди Рама. Да се остранат дилемите и да не се добиваат дневни политички поени, да не се подигнуваат тензиите меѓу двете етнички групи во оваа земја. Ова е програма на албанските политички партии”, рече Халими.
Пратеникот од Движењето БЕСА, Зеќирија Ибрахими, го обвини ДУИ дека има договор со ВМРО-ДПМНЕ да ги одолговлекува работата во парламентот. Според него, пратениците на ДУИ му даваат аргументи на ВМРО-ДПМНЕ да продолжат со обвинување на албанската платформа.
Тој се сврте кон пратениците на СДСМ, и рече: „Гледајте како овие од ДУИ се согласија со овие од ВМРО-ДПМНЕ да се саботира функционирањето на Собранието. Тие даваат причини за прашањето на платформа, јазикот и за други прашања, за тие потоа да можат да реагираат и вие да се обвинувате дека сте прифатиле некаква платформа”, рече Ибрахими.
Потпретседателката и член на СДСМ, Радмила Шеќеринска, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ со репликите кон своите сопартијци го одолговлекуваат и го блокираат процесот на избор на претседател на Собранието. Според неа, ова доцнење е штетно за сите македонски граѓани.
„Часовникот финансиски, економски и социјален на оваа држава отчукува.Минимална плата денеска можевме да имаме 12.000 денари, стипендиите можеа да бидат испплатени, не требаше да чекаме некој да положи англиски за да ги исппаќа субвенциите. Е тоа денеска е единственото што го блокирате, македонските граѓани да се вратат на нормален живот”, посочи Шекеринска.
Според првичниот договор меѓу политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест членови во Комисијата за избори и именувања, СДСМ петмина, а ДУИ и движењето БЕСА по еден член. Потврдата за составот на комисијата е предуслов за да продолжи парламентарната конституивна седница, која започна на 30 декември минатата година, но беше прекината бидејќи не беше постигнато парламентарно мнозинство за избор на нов претседател на Собранието на Македонија.
СДСМ, ДУИ и на Алијансата за Албанците, со потпишувањето на 20 пратеници поднесоа предлог за кандидатот на ДУИ, Талат Џафери да биде нов претседател на Собранието, но ВМРО-ДПМНЕ бара новиот кандидат кој ќе биде предложен да биде против албанската платформа.
Во меѓувреме, предложениот кандидат за претседател на Собранието, Талат Џафери, беше одбиен и од страна на Движењето БЕСА, бидејќи според нив, тој има историја со повеќе кривични дела и нема да придонесе за новата најавена реформска влада.