Elena Trenchevska Chekovic
12 Јуни 2026•Ажурирано: 12 Јуни 2026
Министерот за дигитална трансформација на Северна Македонија, Стефан Андоновски, учествуваше на министерскиот состанок меѓу Европската комисија и министрите од Западен Балкан посветен на иницијативата „Роаминг како дома“ („Roam Like at Home“), пренесува Анадолу.
Како што соопшти Министерството за дигитална трансформација, состанокот се одржал преку видеоконференциска врска, а во фокусот биле главните елементи на преговарачката рамка, следните чекори во процесот и подготвеноста на земјите од Западен Балкан за пристапување кон режимот што ќе овозможи користење мобилни услуги во Европската Унија (ЕУ) под услови како во матичната држава.
Во своето обраќање, Андоновски истакна дека за Владата и Министерството за дигитална трансформација овој процес претставува еден од највисоките приоритети, нагласувајќи дека иницијативата носи конкретни придобивки за граѓаните, бизнисите, студентите и туристите.
Тој посочи дека „Роаминг како дома“ има практично и стратегиско значење, бидејќи ќе овозможи пониски трошоци, подобра поврзаност и полесна комуникација, а воедно претставува чекор кон интеграција во дигиталниот единствен пазар на Европската Унија.
Според Андоновски, Министерството уште во август 2025 година подготвило сеопфатен Акционен план за усогласување на националната рамка со европското законодавство во областа на роамингот и електронските комуникации, по што бил изготвен пакет од законски измени и подзаконски акти.
„Успешната имплементација на режимот ‘Roam Like at Home’ не бара само правно усогласување, туку и практична подготвеност и конструктивна соработка со телекомуникацискиот сектор. Затоа сите коментари беа внимателно разгледани како дел од подготовката на конечниот текст“, истакна Андоновски.
По спроведената јавна консултација, Владата го утврди текстот на предложениот пакет и на крајот на февруари го достави на мислење до Европската комисија. Од Министерството очекуваат потврда за степенот на усогласеност на законодавството, што ќе овозможи продолжување на процесот во следната фаза.
Андоновски оцени дека земјата за краток период постигнала значителен напредок преку подготовка на акциски план, формирање работни групи, спроведување анализи и подготовка на законодавен пакет, додавајќи дека Министерството останува посветено на понатамошната соработка со Европската комисија и продолжување на преговорите без одложување. Се истакнува дека „Роаминг како дома“ е конкретна европска придобивка што граѓаните ќе ја почувствуваат директно преку помали трошоци, полесна комуникација, подобра поврзаност и повеќе можности за граѓаните и бизнисите.