Medin Haliloviç
06 Октомври 2018•Ажурирај: 07 Октомври 2018
НОВИ ПАЗАР (AA) - Во близина на Петровата црква во Нови Пазар археолозите пронашле гробишта од среден век, во кои, врз основа на првите анализи, се закопувале христијани и муслимани. Досегашните археолошки истражувања покажаа дека ова е важно наоѓалиште и прв ваков пример на Балканот, јавува Anadolu Agency (AA).
Според зборовите на археолозите од музејот „Рас“ во Нови Пазар при Археолошкиот институт во Белград, кои раководат со археолошките истражувања на ова место, за првпат на ова подрачје, за овој период се констатира и спефицичен начин на обележување на гробните места, на тој начин што со поставување на камен и камена плоча на местото на главата и нозете на починатиот, се обележувало гробното место.
Археолозите ангажирани на ова истражување кое преку проект го поддржува Министерството за култура и информирање на Република Србија, сметаат дека „или истражувачите сѐ уште не регистрирале таков начин на обележување на гробните места, или нивните резултати не се публицирани и не ѝ се познати на стручната јавност“.
Според нивните проценки, а врз онова на археолошките наоди кои се пронајдени во самите гробишта и околу нив, оваа некропола би можела да се смести во периодот од 14 до 18 век.
Владан Водосављевиќ, археолог на музејот „Рас“ во Нови Пазар вели дека врз основа на ориентацијата на гробните места на локалитетот „Подлабоко над куќата“, може да се заклучи и да се даде интерпретација дека покрај христијанското, на истите гробишта се погребувало и муслиманско население.
„Пронајдовме неколку гробови чија ориентација е спротивна од останатите. Овие скелети се ориентирани во правец југоисток-северозапад, и тоа нѐ наведе на заклучок да помислиме дека на овие гробишта се закопувало и население кое го примило исламот. Со сигурност ДНК-анализите ќе можат да потврдат дека постоело некое население, дека тоа во еден момент го примило исламот и дека продолжило да се погребува таму каде што се погребувале и неговите предци“, рече Видосављевиќ, истакнувајќи дека врз основа на досегашните археолошки истражувања не е познато дека вакво нешто е откриено и на останатите гробишта.
На некрополата се истражени повеќе од 120 гробни места и немало голем број археолошки наоди. Досега се пронајдени пари, метални алки, прстени, керамички садови, копчиња од облека, фрагментирани надгробни споменици, едноставно декорирани хоризонтални надгробни плочи, две вертикални плочи: на едната е крст, а на другата човечка фигура.
Говорејќи за антрополошкото значење на локалитетот, Угљеша Војводиќ од Археолошкиот институт во Белград смета дека овој локалитет е важен поради тоа што пружа нови податоци за популацијата која живеела на овој простор, како и поради податоците кои не ги даваат историските извори.
„Она што ни го пружаат средновековните повелби и турските дефтери не сведочат за постоење на вакви гробишта, а тоа ни говори за тоа дека во близина се наоѓала некоја голема населба. Постоењето на неколку некрополи на ова место говори дека овој простор помеѓу 14 и 18 век бил многу силен и дека постоела бројна популација“, објаснува Војводиќ.
Како што додава, откако скелетите ќе бидат испитани на Археолошкиот институт во Белград, ќе се дојде до антрополошките податоци за тоа како луѓето во тоа време живееле на овој простор, кои им биле навиките, просечната старост, телесна висина, дали умирале од природна смрт или од болест и слично.
Војводиќ укажува и дека за овој локалитет е карактеристично тоа што за време на погребувањето на починатиот, со цел заштита на телото на покојникот, над него е поставувана дрвена штица. Исто така, во еден гроб уште минатата година, во карличниот дел на еден скелет, како што сега се смета, пронајдено е жито, што претставува вид на обред во врска со погреб.
„Тоа секако е еден феномен со кој би требало да се занимаваат колеги етнолози и археолози и да дојдеме до заеднички заклучок. Тоа досега не ни било вообичаено и познато“, констатира Војводиќ.
Тој додава дека со цел истражување на овој простор, се обидуваат да вклучат што повеќе експерти од различни установи, како и оние надвор од Србија кои се заинтересирани за овие простори.
На ископувањата се ангажирани студенти од Археологија на Филозофскиот факултет во Белград и земјите од регионот, а поради пиететот кон починатите, посмртните остатоци од оваа некропола, по анализите во Археолошкиот институт во Белград, ќе бидат вратени на местата каде што се пронајдени.
Локалитетот со некрополата е откриен случајно во 2011 година, во текот на изградбата на локалниот пат од Петрова црква до новите православни гробишта во Нови Пазар.