Aleksandar Savanovic
02 Јули 2023•Ажурирај: 03 Јули 2023
НОВИ САД (АА) - Традиционалното дружење со новосаѓаните по повод Курбан бајрам, еден од најголемите исламски празници, синоќа, по 13. пат се организираше во центарот на Нови Сад, под мотото „Улица на отворени срца - бајрамска софра“, известува Анадолу.
На сега веќе традиционалната манифестација во организација на Војводинското муфтиство, Бачкиот меџлис, Ријасетот на Исламската заедница на Србија, присуствуваа голем број луѓе, а минувачите можеа бесплатно да се послужат со храна од трпезата што ја обезбедија членовите на Исламската заедница. Беше потребно помалку од еден час да се изеде храната од трпезата долга десетина метри.

Во присуство на претставници на Исламската заедница на Србија, како и на претставници на верските заедници од Нови Сад, претставници на војската и државните институции, отворајќи ја манифестацијата, српскиот и војводинскиот муфтија Мухамед-ефенди Зикљиќ им се заблагодари на претставниците на локалната и покраинската власт на поддршката што ја даваат во организирањето на оваа манифестација, а особено им се заблагодари на поранешниот градоначалник и актуелен потпретседател на Владата на Србија и министер за одбрана Милош Вучевиќ, кој ја поддржа оваа идеја за организирање бајрамска софра во центарот на градот и која, со две години пауза поради короната, го доживеа своето 13. издание.
„Оваа манифестација не е веќе позната само во регионот, туку и во светот. Ова е нешто што не може никој да ни го земе. Ова е показател дека Нови Сад има големо срце, отворено за секој, без разлика од која вера е, раса или нација. И ова мое срце чука за вас“, рече неодамна избраниот муфтија на Србија.

Зиљкиќ, претставувајќи ги седумгодишните Дејана и Ангела, од село Ѓурѓево, кои продаваат лимонада и парите од продажбата ги даваат во хуманитарни цели, истакна дека „тие се пример какви луѓе треба да бидеме“. Исто така, ги повика и сите сограѓани да се оѕват на акцијата што ја организира новосаѓанката Нина Николиќ која продава крофни, собирајќи средства за лекување на својот татко.
Реис-улема на Исламската заедница на Србија, Сеад еф. Насуфовиќ, рече дека бајрамските празници се денови на среќа, но дека човек не може секогаш да биде среќен.
„Човек повремено е среќен, но мора да биде задоволен. Затоа моја желба е ова наше задоволство во нашето братство и заедништво, во оваа смотра на братство и пријателство на која вечерва присуствуваме, и тоа задоволство вечно и трајно да биде присутно тука во нашата држава, меѓу сите наши народи и сите наши вери“, рече Насуфовиќ.
Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, им го честиташе Курбан бајрам на муслиманите и истакна дека тоа е празник на Нови Сад, бидејќи го слават сограѓаните од исламска вероисповед.

„Мислам дека денес навистина испраќаме слика на мир, љубов и толеранција на целиот свет. Нови Сад на овој начин покажува дека е голем град, град на мултикултура, мултинационалност и мултиконфесионалност. Градот Нови Сад веќе традиционално ја поддржува оваа манифестација и сакам да ви кажам дека ние тука сме ви вистински пријатели и партнери и дека Нови Сад е таков и кон сите останати верски заедници“, рече Ѓуриќ.
На собирот се обрати и бачкиот епископ на Српската православна црква Иринеј, кој рече дека христијанството и исламот имаат многу заеднички нешта, пред сѐ вредностите кои ги негуваат, а тоа се љубов и заедништво.

Во рамките на програмата на настанот настапи женскиот хор „Станбол“ од Нови Сад, изведувајќи илахии, касиди и севдалинки.
И овогодинешната манифестација ја организираа Исламската заедница на Србија - муфтиство на Војводина - Меџлис ИЗ бачки, Здружението „Нур светлост“ и „Матица на Албанците на Србија“.
