Gorana Jakovljevic
11 Декември 2021•Ажурирај: 12 Декември 2021
БАЊА ЛУКА (АА) - Народното собрание на боасанскохерцеговскиот ентитет Република Српска (РС) синоќа ги усвои заклучоците што се однесуваат на враќање на надлежностите што претходно од ентитетско ниво се пренесени на ниво на државата Босна и Херцеговина (АА), јавува Агенција Анадолија (АА).
На посебната седница на Народното собрание на Република Српска на која пратениците ги разгледуваа информациите за пренесувањето на надлежностите од РС на ниво на БиХ, за пренесувањето на надлежностите во областа на индиректно оданочување, за правосудните институции на БиХ, за пренесувањето на надлежностите од РС на ниво на БиХ во областа на одбраната и безбедноста, а на крајот на седницата се усвоени заклучоците со врска со овие точки, што стапуваат на сила наредниот ден по донесувањето.
„Народното собрание на РС ја задолжува Владата на РС во рок до шест месеци да ги испрати на разгледување и усвојување во Народното собрание на РС законите и другите прописи кои ќе овозможат непречено функционирање на РС“, заклучено е на седницата, а се додава дека законите и другите прописи со кои е извршено пренесувањето на надлежностите од РС на институциите на БиХ нема да се применуваат на територијата на ентитетот РС од денот на стапувањето на сила на законите и другите прописи што ќе ги подготви Владата на РС.
Со заклучоците повлечена е согласноста на Народното собрание на РС, а Владата на РС е задолжена да ја повлече согласноста за договорот за пренесувањето на надлежностите од областа на одбраната на институциите на БиХ, на договорот за пренесувањето на одредени одговорности на ентитетот низ воспоставување на Високиот судски и обвинителски совет на БиХ и надлежностите во областа на индиректното оданочување. Освен тоа, Владата на РС е задолжена во рок од шест месеци да ги упати на разгледување и усвојување законите од тие области.
Народното собрание на РС ја усвои Декларацијата за уставни принципи во која, помеѓу останатото, се наведува дека сите „закони што ги наметнал високиот претставник се неуставни, бидејќи не се донесени по предвидена уставна процедура од страна на Парламентарното собрание на БиХ“.
„Народното собрание смета дека сегашната неусогласеност на надлежностите пренесени на ниво на БиХ без промена и дополнување на Уставот на БиХ, како и Анексот 4 од Дејтонскиот договор, треба да се надмине/реши со доследна примена на одредбата 3.3.б на Уставот на БиХ кој недвосмислено пропишува дека ентитетите „во целост се придржуваат на овој Устав на БиХ“. Тоа подразбира дека Народното собрание и Владата на Република Српска имаат право да ја одложат примената на кој било акт, мерки или активности на органите и институциите на ниво на БиХ, што немаат основ во Уставот на БиХ и не се изречени со Уставот на БиХ потврдени како надлежност на органите на ниво на БиХ“, наведено е во Декларацијата.
Народното собрание на овој босанскохерцеговски ентитет смета дека е неопходно да се пристапи кон промена на Уставот на РС со донесување нов текст.
„Народното собрание ја задолжува Владата на РС, во координација со претседателот на РС, да подготви текст на Уставот на РС со кој ќе се потврдат сите надлежности на РС, освен надлежностите што по Уставот на БиХ ѝ припаѓаат на БиХ. Со новиот Устав на РС, меѓу другото, Бања Лука ќе биде назначена за главен град, а Пале за престолнина на РС“, се наведува во усвоената Декларација.
Декларацијата и заклучоците се усвоени на предлог на претседателката на РС, на Владата на РС, членот на Претседателството на БиХ од РС и клубовите на пратениците од СНСД, СП, ДЕМОС, УС, НПС и пратеничката група НДП. Мнозинството пратеници од опозицијата ја напуштија посебната седница на Собранието во текот на заседавањето. Опозиционите партии сметаат дека е во прашање фарса и предизборна кампања.