Abdula Berisha
10 Април 2019•Ажурирај: 11 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Портпаролите на Владата на Северна Македонија, Миле Бошњаковски и Мухамед Хоџа, на заедничка прес-конференција информираа за донесените одлуки на 129-та владина седница одржана во вторникот, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот Хоџа рече дека Владата на Република Северна Македонија донела одлука за преименување на мултифункционалната Национална арена „Филип Втори“ во Национална арена „Тоше Проески“, како и за изградба на 14 пливачки базени во Република Северна Македонија.
„Владата на Република Северна Македонија на оваа седница исто така ја разгледа и ја одобри информацијата за реализација на проектот за изградба на 14 пливачки базени во Република Северна Македонија, при што е одобрено отпочнување постапка за склучување Договор за повеќегодишна јавна набавка за изградба на 14 пливачки базени во Република Северна Македонија“, рече Хоџа.
Тој објасни дека во 2019 година, Агенцијата за млади и спорт за оваа намена има на располагање 30 милиони денари, а општините каде што ќе се изградат пливачките базени треба да изберат и предложат локација.
Портпаролот Бошњаковски откри неколку податоци за резултатите од економските мерки на Владата. Тој рече дека во 2018 година се отворени вкупно 26.600 нови работни места, со што невработеноста е намалена на 19,4 отсто. Тој, исто така, рече дека минатата година во Северна Македонија влегле странски инвестиции во вредност од 624,5 милиони евра, кои отвориле 1.000 нови работни места.
Откако информираа за 129-та владина седница, портпаролите одговараа на новинарските прашања. Тие беа прашани дали е дискутирано за барањето од Турција за можна екстрадиција на 15-те припадници на терористичката организација ФЕТО.
Портпаролот Миле Бошњаковски рече дека на седницата одржана во вторникот не е дискутирано за ова прашање.
„Во оваа прилика би повторил дека нашата држава заедно со своите сојузници од НАТО секогаш се бореле против тероризмот и против екстремниот тероризам, и тоа така ќе остане и во иднина, со тоа што секогаш треба да има докази кога нешто се посочува, коишто се разбира дека службите ќе ги утврдат како такви, доколку постојат“, рече Бошњаковски.
Во понеделникот, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во врска со можната екстрадиција на 15 припадници на терористичката организација ФЕТО, рече: „Северна Македонија треба да го почитува домашното и меѓународното законодавство“. Во меѓувреме, Министерството за правда на Северна Македонија за АА потврди дека „се водат 15 предмети-барања за екстрадиција за кривични дела од областа на тероризмот“.
Портпаролите на Владата беа прашани и за наводите за употреба на говор на омраза од страна на поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, при што рекоа дека Владата на Северна Македонија го осудува секој говор на омраза, без разлика дали е искажан на социјалните мрежи, конференции или трибини.