Gorana Jakovljevic
20 Ноември 2024•Ажурирај: 20 Ноември 2024
БЕЛГРАД (АА) - Јелена Танасковиќ, в.д директорката на Железничка инфраструктура на Србија, денес поднесе оставка, пренесува Анадолу.
Станува збор за државно претпријатие кое е инвеститор во реконструкцијата на зградата на Железничката станица во Нови Сад.
Во Нови Сад на 1 ноември се урна настрешницата на Железничката станица при што загинаа 15 лица, додека две тешко повредени лица се уште се борат за живот во Универзитетскиот клинички центар на Војводина.
Танасковиќ е трета која поднесе оставка поради овој случај. Прв беше министерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ. Денеска поднесе оставка и министерот за внатрешна и надворешна трговија, Томислав Момировиќ, кој ја извршуваше функцијата министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура од 2020 до 2022 година, односно во периодот кога се потпишани договорите за реконструкција на станицата.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера рече дека поради трагедијата во Нови Сад очекува оставки во Владата и на други места, како и мерки од Обвинителството во најкраток можен рок.