Admir Fazlagic
21 Јуни 2018•Ажурирај: 21 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Три деца изгореле попладнево во пожар во семејна куќа во Велес, јавува Anadolu Agency (AA).
Верољуб Додевски, портпарол на Секторот за внатрешни работи - Велес за АА го потврди случајот. „Три дечиња, на возрасот од 4, 2 и 1 година го загубија животот во пожар во семејна куќа во Велес. Случајот во полиција го пријавија граѓани околу 16 часот, а надлежните служби веднаш се упатија кон местото на настанот", изјави Додевски.
Тој додаде дека се уште не е позната причината за настанување на пожарот. Куќата во која избувнал пожарот се наоѓа под ридот Вршник во високиот дел на Велес.
На местото на настанот излезе на увид јавен обвинител и екипа на СВР Велес кои работеа на откривање на причината на пожарот.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес го заврши увидот на лице место каде попладнево избувна пожар.
„Според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница. За тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата", информираше Јавното обвинителство на Република Македонија.
При вршење на увидот, јавниот обвинител издаде наредби за обдукција на телата на починатите деца и вршење на идентификација. Ќе се врши проверка на трагите земени од лице место за да се утврдат причините за настанување на пожарот.