Ivana Ramadanova
13 Септември 2017•Ажурирај: 14 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Висока воена делегација на Националната гарда на Вермонт (САД), предводена од командантот на Национална гарда (НГ) на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј, денес ја започна официјалната посета на Армијата на Република Македонија (АРМ), јавува Anadolu Agency (AA).
За време на посетата, генералот Креј оствари средба со неговиот домаќин, началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, со кој го истакнаа значењето на одличната воена соработка на АРМ со НГ на Вермонт, изразена преку досегашното заедничко учество во мировни операции, реализацијата на голем број заеднички вежби, континуираното изведување обука и едукација на припадниците на двете армии.
Во Министерството за одбрана денес беше реализиран и состанок со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на кој присуствуваше и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.
Министерката Шекеринска истакна дека НГ на Вермонт е партнер на АРМ со кој преку воената контакт-програма се реализираат активности за соработка со армијата на САД, и додаде дека оваа програма се реализира преку различни форми на обука, како што се: семинари, конференции, посети на воени бази, школски центри и институции во САД, изведување заеднички вежби и друго.
„Нашата определба за членство на Македонија во НАТО ја докажавме преку нашето постојано учество во меѓународните мисии, вклучително и мисијата во Авганистан, коешто го продолжуваме и ќе го зголемиме. Ја покажавме, исто така, и во текот на заедничката вежба којашто ја имавме со воените сили на САД ова лето на Криволак. Меѓутоа, стратешкото партнерство е покажано на дело и од страна на САД, особено од страна на Националната гарда на Вермонт“, истакна министерката Шекеринска.
Генерал-мајор Стивен Креј при денешната посета на АРМ истакна дека е привилегиран што лично тој го претставува партнерството меѓу двете земји, кое датира уште од 1993 година.
„Стратешкото партнерство што го имаме е од голема корист за двете страни, и ние сме навистина горди за сѐ што успеавме да обезбедиме за Македонија, меѓутоа, и за искуството што успеавме да го стекнеме од Македонија“, истакна Креј.
Делегацијата од НГ на Вермонт во текот на денешниот ден ќе оствари посета на Министерството за внатрешни работи, а ќе го посетат и Центарот за управување со кризи, каде што ќе се запознаат со начинот на организација во справувањето со кризните ситуации, раководењето со персоналот и со ресурсите, како и координацијата со останатите државни институции.
Во текот на утрешниот ден, делегацијата од НГ на Вермонт ќе оствари средба со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, и со собраниската комисија за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија.
За време на неколкудневната посета, претставниците на делегацијата на НГ на Вермонт ќе направат обиколки и ќе ги посетат дел од единиците на АРМ, каде што ќе им бидат презентирани средствата и капацитетите на единиците, а ќе се запознаат и со активностите што ги изведуваат овие единици.
Континуираните годишни средби на највисоко армиско ниво со НГ на Вермонт овозможуваат постојано надградување на соработката со оваа армија, преку воената контакт-програма за соработка со армијата на САД.