Fatjon Cuka
25 Април 2021•Ажурирај: 26 Април 2021
ТИРАНА
Во Албанија започна процесот на гласање на парламентарните избори што се одржуваат во услови на пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Процесот на гласање за избор на 140 пратеници во Парламентот на Албанија ќе се одвива од 7:00 до 19:00 часот во 5.199 гласачки центри низ земјата.
Според податоците на Централната изборна комисија (ЦИК) на оваа земја, на овие избори право на глас имаат 3.588.869 гласачи.
На изборите учествуваат две коалиции. Под водство на најголемата опозициска партија во земјата, Демократската партија (ПД), е формирана коалиција наречена „Коалиција на Демократската партија - Алијанса за промени“, што се состои од 13 партии, и втората коалиција е „Алијанса на народно обединување - Емиграција - Час на надежта и конзервативците“ (АБЕОК), што се состои од четири партии.
Владејачката Социјалистичка партија (ПС), како и останатите 10 политички партии и 5 независни кандидати на овие избори ќе учествуваат сами.
На овие избори има 1.841 кандидат, од кои 39,76 отсто се жени.
Покрај тоа што овие избори ќе се одржат на 25 април во период на пандемијата на Ковид-19, меѓу новостите на овие избори се новиот изборен систем, електронското гласање и електронското броење гласови што ќе се применува како пилот-апликација во Тирана.
Според изборната реформа што заврши во 2020 година како резултат на долгогодишната работа во Парламентот на Албанија, за избор на пратеници во Парламентот, што брои 140 пратенички места, ќе се применува пропорционален систем со регионална конкурентност и национален праг од 1 отсто низ земјата. Според новиот систем, гласачите, покрај за партиите, ќе може да гласаат и за посакуваниот кандидат.
Од друга страна, во текот на изборниот ден на сила ќе бидат актуелните мерки против Ковид-19, како носењето маски, одржувањето дистанца и забраната за собири. По завршувањето на изборниот процес, на сила ќе биде и мерката за полициски час од 22:00 до 6:00 часот.