Bakir Tiro
21 Јули 2020•Ажурирај: 21 Јули 2020
САРАЕВО (АА) - Во последните 24 часа во Босна и Херцеговина од Ковид-19 починаа пет лица, додека денес до пладне дијагностицирани се 188 новозаразени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во ентитетот Федерација БиХ тестирани се 1.561 примерок, од кои 143 се позитивни на коронавирусот. Во Федерацијата БиХ досега се тестирани 77.012 примероци, а Ковид-19 е потврден кај 4.892 лица (2.434 жени - 49,75 отсто и 2.458 мажи - 50,25 отсто). Заклучно со денес, во Федерацијата БиХ излекувани се 2.102 пациенти, додека во моментот активни се 2.682 случаи позитивни на Ковид-19“, соопштија од Заводот за јавно здравство на Федерацијата БиХ.
Од Заводот нагласија дека од 108 потврдени смртни случаи во Федерацијата БиХ, 69 се од машки пол (63,89 отсто) и 39 од женски пол (36,11 отсто). Во однос на старосната структура, 76 починати пациенти (70,37 отсто) се постари од 65 години.
Во ентитетот Република Српска, откако вчера не вршеа никакви тестирања, денес се тестирани само 270 лица, од кои 45 се позитивни на коронавирусот. Починаа уште две лица.
За дистриктот Брчко не се ажурирани податоците за состојбата со Ковид-19.