Mehmet Hatipoğlu
24 Јули 2020•Ажурирај: 25 Јули 2020
КОМОТИНИ
Изведувањето на петочната молитва во Големата џамија Аja Софија (Ayasofya-i Kebir Cami-i Şerifi) во Истанбул предизвика големи реакции во Грција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во моментите кога се спроведуваше петочната молитва, жални ѕвона се слушнаа од камбаните во црквите низ Грција, се одржаа специјални обреди, а знамињата беа спуштени на пола копје.
Во црквите во Солун и Патра беа организирани специјални обреди на кои беа истакнати знамиња на Византија и Грција, и ѝ се молеа на Дева Марија за спас на Аја Софија во која денес беше одржана првата петочна молитва.
Во ноќните часови во главниот град Атина ќе се одржи специјален обред предводен од грчкиот Архиепископ Јероним II, на кој ќе се спроведе литургија кон Дева Марија која потекнува уште од Византиско време, молејќи се за Истанбул.
Ноќни обреди вечерва ќе се одржат во голем број цркви низ земјата.
- „Ердоган го направи тоа што го рече“
Грчките телевизиски канали поврзувајќи се во живо од платото пред џамијата Аја Софија коментарираа дека тоа е „Црн ден за христијаните“, „Ердоган го направи тоа што го рече“.
Телевизиските канали во живо го пренесоа и читањето на Куранот од страна на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган во џамијата пред петочната молитва.
- Сметаше дека Турција нема да се осмели да ја отвори за молитви како џамија
Една од првите реакции на повторното отварање на Аја Софија како џамија даде претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу изјавувајќи „Одлуката на Турција Аја Софија да ја претвори во џамија претставува директна провокација на историските сеќавања на Грците“, повикувајќи го папата Франциск на дебата за Аја Софија да и даде меѓународна рамка.
Министерката за култура на Грција Лина Мендони во својата изјава рече „Тоа што го стори претседателот Ердоган е национализам и неговата земја ја врати 6 века назад“.
Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас одлуката за повторното претворање на Аја Софија во џамија го оцени како „Провоцирање на УНЕСКО“.
Архиепископот на грчката црква Јероним II претходно за развојот на настаните по прашањето за Аја Софија рече дека е само игра и Турција нема да се осмели Аја Софија да ја отвори за молитви како џамија.