Admir Fazlagic
06 Март 2018•Ажурирај: 07 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Република Македонија околу 1 600 граѓани боледуваат од бубрежни заболувања, а на годишно ниво оваа бројка се зголемува за околу 200 новозаболени лица, беше истакнато денеска на стручната конференција насловена како „Бубрезите и здравјето на жените“, организирана по повод Светскиот ден на жената - 8 Март, јавува Anadolu Agency (AA).
Проф. д-р Оливера Стојчева-Танева, универзитетски професор од Клиниката за нефрологија во Скопје во изјава за медиумите, повикувајќи се на податоците од регистарот на пациенти што се лекуваат од бубрежни болести рече дека бројката на лица заболени од бубрежните болести во Македонија се зголемува од година во година, но дека според полот, мажите се повеќе застапени за разлика од жените.
„Мажите се нешто повеќе застапени од жените, односно во поголема бројка, но тоа е само за терминалната фаза, кога веќе има потреба од лекување со дијализа. Во претходните стадиуми на бубрежното заболување повеќе се застапени жените, и објаснувањето дека потоа, кога ќе се започне со дијализното лекување, тие се застапени во помал процент е оти кај нив побавно напредува бубрежното заболување, затоа што постојат заштитни фактори кај жената", рече Стојчева-Танева.
Додаде дека прогресијата кај бубрежноболните заболувања е многу побавна кај жените поради морталитетот, бидејќи смртноста е многу поголема кај машката отколку кај женската популација за што придонесуваат не само хроничната бубрежна болест, туку и други здравствени компликации, меѓу кои се и срцевите заболувања.
Порастот на бројот на заболени од бубрежни заболување, според д-р Стојчева-анева, се должи на фактот што популацијата насекаде во светот старее.
„Со стареењето постои физиолошко намалување на бубрежната функција, исто така со старењето многу повеќе се случуваат други коморбидитетни состојби, а дијабетот и хипертензијата се водечки причини за лекување со дијализа. Возраста сама по себе придонесува да се зголеми бројот на болни со оштетување на бубрезите", објасни Стојчева-Танева.
Душко Ѓеоргиев, претседател на Здружението на бубрежноболни граѓани „Нефрон" рече дека е направен значителен исчекор во делот на дијализниот третман на пациентите, апратурата и материјалите што се користат. Тој додаде дека за разлика од порано, сега пациентите може да прават дијализа во местото на живеење, како и да користат современа апаратура.
Денешната стручна конференција беше организирана од „Диамед", специјална болница за нефрологија и хемодијализа која обезбедува грижа за болни со бубрежни заболувања, бубрежна слабост и болни кои се на хронична програма со хемодијализа.