Abdula Berisha
03 Јули 2020•Ажурирај: 04 Јули 2020
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, заедно со министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, денеска ја презентираа иницијативата за основање на Преспа форум за дијалог, меѓународен форум поврзан со Преспанскиот договор, јавува Агенција Анадолија (АА).
На 17 јуни 2018 година, со посредство на претставникот на Обединетите нации (ООН), Метју Нимиц, министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коциас, потпишаа договор за решавање на спорот за името и за стратешко партнерство меѓу двете земји.
По потпишувањето на Преспанскиот договор, се овозможи зачленување на Северна Македонија во НАТО и деблокирање на процесот на интеграција во Европската Унија (ЕУ).
Во својот говор денеска, министерот Димитров ја истакна важноста на Преспанскиот договор и пофалбите од бројните светски лидери за дипломатското решавање на спорот, споменувајќи ги меѓу другото и позитивните оценки на генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш.
„Оттука и намерите новата Влада да донесе формална одлука за основање на Преспа форум за дијалог кој би претставувал своевиден меѓународен форум за дијалог, соработка и решавање на меѓународни спорови кои низ призмата на историскиот успех на Преспанскиот договор би послужил како инспирација за идните генерации при надминување на разликите и отворените прашања“, рече Димитров.
Министерот Адеми рече дека со Преспанскиот договор земјата успеа да ја врати меѓународната поддршка и како што истакна, идејата за формирање форум има за цел да го искористи овој момент.
„Ако Словенија е позната по Бледскиот форум, Хрватска по Форумот од Дубровник, Швајцарија по Форумот „Давос“, Германија по Минхенската конференција за безбедност, веруваме дека Република Северна Македонија ќе биде препознатлива по Преспа форумот за дијалог кој ќе биде идентитет и бренд исклучиво на нашата држава“, рече тој.
Министерот Адеми, кој истовремено е и претседател на работната група за поддршка на Преспанскиот Регион, потсети дека ЕУ го најави проектот „ЕУ за Преспа“, кој има вкупна вредност од 18 милиони евра, средства што ќе се обезбедат од ИПА-3 фондот во 2021 година.
Освен тоа, тој рече дека Владата во соработка со граѓанскиот сектор презема иницијатива да изгради мултимедијален центар, каде што ќе се постави Преспа форумот за дијалог.
Како што истакнаа владините претставници, целта е да се одржи меѓународен форум за дијалог и соработка секоја година на 17 јуни, датум на потпишување на Договорот од Преспа, со учество на регионални и светски државници.