Abdula Berisha
27 Февруари 2020•Ажурирај: 28 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Под покровителство на скопското муфтиство при Исламската верска заедница (ИВЗ), денеска се организираше верска програма со која беше одбележана Ноќта на Регаип, која се смета како предвесник на месецот на постот, Рамазан, јавува Агенција Анадолија (AA).
Манифестацијата која исто така го одбележува почетокот на трите свети месеци во исламот, според исламскиот календар, месеците Реџеп, Шабан и Рамазан, се одржа по икинди намаз (попладневна молитва) во „Алаџа-џамијата“ во Скопје.
Свој говор имаа скопскиот муфтија Ќенан Исмаили и имамот на џамијата, Локман Камбери, кои упатија честитки до муслиманските верници за Ноќта на Регаип, изразувајќи надеж дека ваквите манифестации ќе се пренесуваат од генерација на генерација.
Потоа, многубројните верници собрани во џамијата имаа можност да ја следат програмата која се состоеше од читање делови од светата книга Куранот, изведби на илахии на албански, турски и арапски јазик.
Кај муслиманите, Ноќта на Регаиб е позната како ноќ на надежта и исполнување на желбите и се карактеризира со зголемување на бројот на извршените верски обреди.