Husamedin Gina
28 Декември 2020•Ажурирај: 30 Декември 2020
СКОПЈЕ
Традиционално, трета година по ред, во Зоолошката градина во Скопје се одржа настанот „Новогодишна Зоо бајка“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во пресрет на новата 2021 година, денеска во Зоолошката градина децата имаа можност да уживаат во детската претстава со „јунаците" од детските цртани филмови Мики, Мини, Олаф, во детските музички нумери, а потоа и во доаѓањето на Дедо Мраз со волшебното вовче.
Големиот број дечиња, кои беа присутни на настанот заедно со своите родители, го пречекаа Дедо Мраз со голема радост и насмевки на лицето.
Дедо Мраз, на „Новогодишната Зоо бајка“ пристигна со волшебното вовче, а на дел од децата им подели мали новогодишни пакетчиња, што ги носеше со себе во волшебното вовче.
Тина Мицковска, портпаролката на „Зоо Скопје“, во изјавата за медиумите рече дека денеска децата ќе добијат подароци и мали пакетчиња од пријателите на Зоолошката градина.
„Мислам дека дечињата се навистина среќни поради тоа бидејќи дојдоа на кратко да се дружат со Дедо Мраз на дистанца, за жал, такви се околностите оваа година, се надевам дека догодина ќе се дружиме онака како што треба“, нагласи портпаролката Мицковска.