Abdula Berisha,Dzihat Aliju
26 Декември 2024•Ажурирај: 27 Декември 2024
СКОПЈЕ (АА)
Во Северна Македонија е отворен бизнис-форум меѓу Туркије и Северна Македонија, по повод посетата на турскиот министер за трговија, Омер Болат, јавува Анадолу.
Бизнис-форумот e организиран од Стопанската комора на Северна Македонија и Советот за надворешни економски односи (ДЕИК) на Туркије, а под покровителство на Министерството за трговија на Туркије и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија.
На отворањето на форумот присуствуваа министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, како и голем број претставници од бизнис-секторот.
Министерот Муцунски во својот говор истакна дека Туркије е значаен стратешки партнер на Северна Македонија.
Тој изрази надеж дека овој настан претставува можност да се дискутира и да се разменат мислења за повеќе важни прашања во доменот на меѓусебната економска соработка, додавајќи дека форумот претставува извонредна прилика за воспоставување и развивање на директна соработка помеѓу стопанствениците од двете земји.
„Очекувам денешниот форум позитивно да влијае врз натамошното интензивирање и подигнување на меѓусебните економски односи на едно повисоко ниво. Ме радува фактот што овој форум се организира по пауза од подолг временски период, и што имам можност прв пат во својство за министер за надворешни работи и надворешна трговија, заедно со мојот драг колега, министерот Болат, како копретседавачи, да го отвориме овој настан“, рече министерот Муцунски, додавајќи дека во блиска иднина очекува конкретни резултати од форумот.
Тој исто така рече дека соработката со традиционалните партнери на Северна Македонија, како Туркије, е приоритет на Владата.
„Трговската соработка се карактеризира со нагорен тренд за раст, за што говори и податокот дека обемот на трговска размена достигна 1 милијарда американски долари во 2022 година. Согласно актуелните трендови, се очекува оваа година и да почнеме да го надминуваме овој праг. Посакувана цел кон која треба да се работи во иднина е воспоставување на избалансирана надворешнотрговска размена за намалување на нашиот дефицит“, рече Муцунски.
Тој додаде дека повеќе од 2.000 турски компании имаат инвестирано и водат бизнис во Северна Македонија. Муцунски исто така нагласи дека повеќе години по ред, турските туристи се најбројни во Северна Македонија. На крајот, тој нагласи дека Владата е партнер на стопанството и дека им стои на располагање на сите компании кои сакаат да инвестираат во земјата.
- „Турските инвестиции сочинуваат 38 отсто од вкупните странски инвестиции“
Министерот Дурмиши во својот говор истакна дека Северна Македонија секогаш имала одлична соработка со Туркије и турските компании додавајќи дека очекува нови инвестиции и повеќе бизнис-форуми и заеднички пристап на трети пазари.
„Република Туркије е меѓу нашите најзначајни трговски партнери и земја која континуирано инвестира во македонската економија во разни сектори како стратешки инвестициски партнер. Податоците за трговска размена покажуваат дека Туркије минатата година е рангирана на седмото место на листата на земји со кои Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена“, рече Дурмиши.
Тој изрази надеж дека оваа соработка ќе се продлабочи во иднина.
„Вкупните инвестиции во Северна Македонија изнесуваат 2 милијарди евра. Турските инвестиции сочинуваат 38 отсто од вкупните странски инвестиции во нашата земја“, рече Дурмиши.
Тој ја истакна посветеноста на земјата во капитални инвестиции, како и во енергетското поврзување. Дурмиши исто така нагласи дека аплицирањето за државната помош е целосно отворено и транспарентно и за странските инвеститори.
На форумот, видеообраќање имаше и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, кој ја истакна одличната соработка со турските компании кои функционираат на македонскиот пазар.
Претседателот на ДЕИК, Наил Олпак, од своја страна, нагласувајќи дека 39 години работат со слоганот „Комерцијална дипломатија“ со 152 деловни консултанти распространети низ целиот свет, со поддршка и координација на министерот за трговија, рече дека позитивно гледа на преговорите за ажурирање на Договорот за слободна трговија со Северна Македонија.
Ердал Ерен, претседателот на Здружението на турски изведувачи, исто така нагласи дека договорните услуги се една од главните области на активност во која Туркије има висока конкурентност и светска репутација, особено во последните 50 години.
„До денес имаме завршено повеќе од 12.000 проекти во вредност од 523 милијарди долари во 137 земји во светот“, рече Ерен.
Потпретседателот на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори и берзи на Туркије (ТОББ), Тамер Киран, рече дека со задоволство го следат процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
„Спроведувањето на реформите што ги бара пристапниот процес дополнително ќе ја зајакне економијата на Северна Македонија, ќе ја зголеми конкурентноста и ќе придонесе за развој на нивото на благосостојба на луѓето“, рече Киран.