Edıta Zekjırovıc
25 Август 2021•Ажурирај: 26 Август 2021
ТЕТОВО (АА) - Во Тетово денеска официјално е пуштено во употреба првото екоинклузивно игралиште во Основното училиште „Истикбал“, донација на „Халкбанк“ АД Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
На отварањето присуствуваа директорот на „Халкбанк“ АД Скопје, Билал Суџубаши, претставникот од Секторот за образование од Општина Тетово, Ахмет Ќазими, како и претставничката на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, Бранка Џајковска.
Суџубаши истакна дека „Халкбанк“ продолжува да ги поддржува проектите важни за општеството и на тој начин да ја одразува паролата на компанијата која ја претставува, а тоа е „Важни се луѓето“.
„Подготвувањето на нашите деца за иднината, како и откривањето на нивните потенцијали, со понудата за квалитетно образование, треба да биде основна должност на здравите лица, како и на институциите како нас. На овој начин, овие деца во иднина ќе даваат придонес за земјата, за животната средина, за општеството, како и во финансиската област, и за нас ќе подготват подобра иднина“, потенцира Суџубаши.

Како што истакна, можеби ова не е одредена голема инвестиција, но според него претставува еден чекор напред.
„Преку придавање важност на ваквите инвестиции, себеси се сметаме за покорисна институција за општеството. Ние како „Халкбанк“ во наредниот процес ќе продолжиме да правиме инвестиции кои ќе даваат поголем придонес за човештвото, особено за општеството во Северна Македонија“ додаде Суџубаши.
Претставникот од Секторот за образование од Општина Тетово, Ахмет Ќазими, изрази благодарност за донацијата, додавајќи дека екоинклузивното игралиште ќе биде од голема важност за зближување помеѓу децата.
„Кога ќе се здружат државните институции, невладиниот сектор и бизнис-секторот, се случуваат вакви проекти. За лицата со посебни потреби ангажирани се персонални асистенти, а овие игралишта ќе бидат дополнителен поттик за нивно зближување и што е можно побрзо вклучување во нормалниот образовен процес“, изјави Ќазими.
Претставничката на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, Бранка Џајковска, истакна дека таа и учесниците во проектот се особено горди што нивната работа во полето на подобрување на инклузијата и состојбата на лицата со попреченост била препознаена и резултирала со поддршка од страна на „Халкбанк“.
„Основните училишта во нашата држава многу често се непристапни и не се комплетно отворени за лицата со попреченост. Нашата идеја е да го промениме тоа, новиот Закон за основно образование го наложува тоа во насока на подобрување на пристапноста на основните училишта“, додаде Џајковска.
Екоинклузивното игралиште во ООУ „Истикбал“ е донација на „Халкбанк“ АД Скопје како дел од активностите на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.
Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ се реализира од страна на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“ и е финансиран од Европската Унија.