Alma Dekovic
14 Септември 2023•Ажурирај: 14 Септември 2023
БРИСЕЛ (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денес во Брисел изјави дека разговорите со премиерот на Косово и европските претставници биле неуспешни, јавува Анадолу.
„Разговорите завршија неуспешно во смисла на изнаоѓање јасен пат кон нормализација на односите. Сите имаме свои предлози. На крајот ние, како Србија, ги прифативме компромисните предлози на ЕУ. Курти не сакаше и средбата заврши“, изјави Вучиќ по средбата.
Тој додаде дека косовскиот премиер избегнува формирање Заедница на општини со српско мнозинство.
„Србија не бега од своите обврски, но ние и ЕУ кажавме каков е распоредот. Ние го прифативме тој предлог и покрај тоа што не е нималку лесен, а Курти го одби“, изјави Вучиќ.
Тој појасни дека европскиот предлог се однесува, пред сѐ, на формирање Заедница на општини со српско мнозинство што, како што тврди српскиот претседател, косовската страна го отфрла.
„Не верувам дека ова е крај на светот. Ќе се слушне одговорот кој е заслужен, кој е одговорен. Тоа е нешто што мора да се случи. Важно е да продолжиме да разговараме“, рече Вучиќ.
По одвоените состаноци денес во Брисел се одржа трилатерална средба на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти со претставници на Европската Унија (ЕУ), како дел од новата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина.
На средбата, која траеше околу два часа, присуствуваа српскиот претседател, Александар Вучиќ, премиерот на Косово, Албин Курти, високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Шефот на европската дипломатија Борел ќе им се обрати на новинарите за деталите од средбата.
Тој на средбата рече дека е време Договорот за патот кон нормализација на односите сериозно да почне да се спроведува и дека денес ќе биде јасно дали страните се подготвени да преземат одговорност.
Последниот состанок беше одржан на 22 јуни годинава поради зголемените тензии на северот на Косово, но по тој повод беа одржани само одвоени средби меѓу претставниците на Белград и Приштина со домаќините од Брисел.