Aleksandar Savanovic
27 Јануари 2019•Ажурирај: 27 Јануари 2019
НОВИ САД (AA) - Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ го поздрави ратификувањето на Преспанскиот договор во грчкиот Парламент и истакна дека „Србија ќе биде една од првите држави кои својот јужен сосед ќе го признаат под новото уставно име - Северна Македонија", јавува Anadolu Agency (AA).
Грчкиот парламент вчера го ратификуваше Преспанскиот договор (Договор за решавање на спорот за името) кој го потпишаа владите на Македонија и Грција во јуни минатата година во Преспа, според кој Македонија ќе го смени името во Северна Македонија.
Коментирајќи ја ратификацијата на Преспанскиот договор, Вучиќ напомена дека Србија не се меша во внатрешните работи на другите држави, но дека ќе биде една од првите земји кои својот јужен сосед ќе го признаат под новото уставно име - Северна Македонија.
„Сакаме најдобри односи и со едната и со другата земја и им честитам на господата Ципрас и Заев на тоа", напомена Вучиќ.
Тој нагласи и дека во спорот помеѓу двете земји се работело за името на државата, додека проблемите на Србија во односите со Приштина се „стократно потешки".
„Тоа се драматично различни проблеми и по својата тежина и по последиците кои ги носат и по се друго, но она што е политика на Србија и што сметам дека нам ни носи највеќе добра иднина е политиката на регионална стабилност и политика на отворање на границите бидејќи ни во економска смисла од другите не се плашиме", напомена претседателот на Србија.
Претседателот на Србија истакна дека се залага за решавање на отворените прашања помеѓу Белград и Приштина и дека не е за политика на замрзнат конфликт.
Говорејќи за состанокот со германската канцеларка Ангела Меркел во Давос каде, помеѓу останатото е разговарано за решавање на проблемот со Косово, потсети дека 22 од 27 земји на Европската унија веќе ја признале косовската независност.
„Но некако на тоа ретко се сеќаваме. Верувам дека Германија ќе води сметка не само за дијалогот, туку и за постигнување компромисно решение. А дали ние тоа ќе го можеме, дали ќе успееме воопшто, останува да се види", рече Вучиќ.
Како што нагласи, не е можно да се држи косовскиот конфликт замрзнат, бидејќи постојат интереси и на Албанците, но и интереси на многу големи сили кои сакаат решавање на проблемот. Вучиќ рече дека претставниците на косовските Албанци отворено говорат дека конечно имаат своја држава „и тие за тоа ќе ја платат цената без оглед колкава ќе биде таа цена".
„Еве, прашувам, граѓани на Србија, колкава цена сме спремни ние да платиме, колку веќе плативме во минатото за сите можни погрешни политики кои ги водевме", рече претседатело на Србија, додавајќи:
„Јас мислам дека е време да почнеме да размислуваме за луѓето, секако чувајќи ги нашите интереси и добивајќи највеќе што можеме за Србија и српскиот народ. Ако тие луѓе не сакаат да разберат, што можам јас тука. Жал ми е поради тоа но тоа не можам да го сменам, како и што нема да ја менувам политиката која е рационална, сериозна и одговорна и која до денес донесуаше многу добри резултати за Србија".