Abdula Berisha
29 Ноември 2022•Ажурирај: 30 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, рече дека Северна Македонија е дел од европското семејство и дека сака процесот за членство на земјата во Европската Унија (ЕУ) да се случи што е можно поскоро, јавува Агенција Анадолија (АА).
Германскиот претседател Штајнмаер одржа заедничка прес-конференција со својот домаќин, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Штајнмаер ја изрази својата лична благодарност и почит за Северна Македонија како доверлив партнер, како и за напорите што земјата ги прави на патот на евроатлантските интеграции.

„Северна Македонија е дел од европското семејство. Со својата култура и јазик, убеден сум дека вашата земја ќе ја збогати ЕУ и уште повеќе ќе ja зголеми различностa на оваа заедница. Северна Македонија ќе ја збогати ЕУ не само на културен план, туку и во заедничката надворешна и безбедносна политика. Вашата земја 100 отсто се приклучи на надворешнополитичките позиции на ЕУ“, рече Штајнмаер.
Тој исто така ја истакна важноста од усвојување на уставните измени, притоа истакнувајќи дека е важно Северна Македонија да продолжи со реформите, додавајќи дека земјата сè уште може да се потпира на поддршката од Германија.

Во рамките на преговорите за членство во ЕУ, Северна Македонија мора да направи уставни измени со вклучување на бугарското малцинство во Преамбулата на Уставот.
Штајнмаер исто така изјави дека земјата е сигурен партнер во НАТО и дека дала важна поддршка за Украина.
Тој ги поздрави и добрите економски и трговски односи, додавајќи дека дел од делегацијата се членови на германскиот Парламент и претставници од бизнис-секторот.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во својот говор рече дека ова е прва посета на германски претседател на Скопје по речиси 15 години, додавајќи дека тој ја остварил својата прва официјална посета во Германија.
Пендаровски изјави дека средбата поминала во пријателска атмосфера, при што истакна дека земјата е посветена на преговорите за членство во ЕУ.

„Во време кога вербата на европските интеграции во целиот регион е разнишана, во овој сензитивен период ни е повеќе од потребна помош повеќе од големите европски демократии, од предводниците на идејата за обединет континент. Сојузна Република Германија е еден од нашите најблиски сојузници и најсигурни партнери, а германските власти веќе три децении во континуитет ја демонстрираат посветеноста кон нашата држава и нашиот регион“, рече Пендаровски.
Тој исто така изјави дека оваа посета е важна со оглед на геополитичката ситуација во Европа и кризите што се прелеваат.
Како што истакна Пендаровски, на средбата се разговарало и за безбедносната состојба во Европа и двајцата соговорници се заложиле за зголемување на воената и безбедносната соработка.
Зборувајќи за трговските односи, Пендаровски рече дека Германија е првиот трговски партнер на Северна Македонија, со повеќе од 4 милијарди евра трговска размена годишно. Тој рече дека во Северна Македонија има околу 200 компании со германски капитал, кои вработуваат околу 15.000 луѓе.
- „Цела ЕУ има итен интерес за да дојде до нормализација на односите меѓу Србија и Косово“
На прес-конференцијата, германскиот претседател Штајнмаер беше прашан за стабилноста и безбедноста во регионот на Западен Балкан, особено во контекст на односите Косово - Србија, како и за германско-францускиот предлог за нормализација на односите.
„Што се однесува до односите меѓу Србија и Косово, можам да ви кажам дека целата Европска Унија има итен интерес за да дојде до нормализација на односите. За тоа се подготвија и предлози. Се радувам затоа што германско-францускиот предлог сега постигна успех и се прифаќа. Тоа би можело да ги охрабри засегнатите страни да продолжат да соработуваат во ова поле“, рече Штајнмаер.
Во рамки на дводневната посета на Скопје, германскиот претседател Штајнмаер одржа говор во Собранието, а предвидено е и средба во Владата со премиерот Димитар Ковачевски.
Тој ќе посети и некои германски компании што работат во Северна Македонија.
Ова е прва посета на федералниот претседател Штајнмаер на Република Северна Македонија.
По Северна Македонија, Штајнмаер заминува во посета на соседна Албанија.