Ekipa
14 Мај 2017•Ажурирај: 15 Мај 2017
АТИНА (АА) - Грчката влада го достави до парламентот на усвојување новиот пакет-мерки за штедење во рамките на второто ревидирање на планот за финансиска консолидација, јавува Anadolu Agency (AA).
Грчкото Министерство за финансии соопшти дека на пратениците им е доставен владиниот предлог кој предвидува дополнително намалување на пензиите, зголемување на даноците и други мерки за штедење.
Посочувајќи дека новите мерки на штедење се неизбежни, министерството соопшти дека станува збор за поттикнување на дијалогот за создавање среднорочни и долгорочни планови за отплата на грчкиот долг.
Предлогот од 900 страници текст кој Владата го поднесе до пратениците, треба на Грција да ѝ обезбеди дополнителни 4.37 милијарди евра заштедени пари, а Парламентот за тоа ќе се изјасни на седницата во четврток.
Лимитот на платите треба да се намали за дополнителни 3.000 евра, а на годишно ниво треба да изнесува 5.681 евра.
Се предвидува поголемо намалување на пензиите, како и намалување на трошоците за невработеност, социјалните категории и борбата против природните катастрофи.
Новите владини мерки за штедење наидоа на големо негодување од страна на грчките граѓани, кои веќе најавија дека во среда ќе започнат со масовни протести во Атина и во другите градови.