Ekipa
07 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
АТИНА (АА) - Грција и Бугарија денес потпишаа договор за изградба на железничка линија во вредност од неколку милијарди евра, која се очекува да го надополни големиот проект за меѓусебно гасно поврзување на двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Линијата ќе ги поврзува пристаништата Кавала и Александропулос во северна Грција на брегот на Егејското Море со бугарските Бургас, Варна и Порт Русе на реката Дунав.
Според бугарските медиуми, бугарскиот дел ќе чини околу 1 милијардa евра, а грчкиот дел околу 4 милијарди евра. Не е дадена временска рамка за завршување на проектот.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот бугарски колегa, Бојко Борисов, говореа на прес-конференцијата во Кавала по потпишувањето на меморандумот за разбирање.
„Со бугарскиот премиер сме согласни да го искористиме потенцијалот на двете земји“, изјави грчкиот премиер, додавајќи дека енергетскиот сектор отвора нови хоризонти во Европа, со имплементацијата на гасоводот ИГБ.
Гасниот интерконнектор Грција-Бугарија ќе ги поврзува системите за природен гас на двете земји со влезна точка во Ѓумурџина (Комотини), Грција, а со излез во градот Стара Загора, Бугарија.
Европската комисија се очекува на почетокот од 2018 година да одлучи дали ќе даде грант во износ од 51 милион евра за дополнително финансирање. И Грција и Бугарија побараа дополнителни ресурси за завршување на проектот за гас.