Furkan Naci Top
13 Јануари 2019•Ажурирај: 14 Јануари 2019
АТИНА (АА) - Грчкиот министер за одбрана и челникот на партијата Независни Грци (АНЕЛ), Панос Каменос, денес најави повлекување од министерската позиција, поради Договорот со кој Владата на Алексис Ципрас го решава долгогодишниот спор за името на Република Македонија (Преспанскиот договор), јавува Anadolu Agency (AA).
Каменос, по состанокот со Ципрас во Атина, изјави дека неговата партија ќе се повлече од грчката Влада на национално единство, која, како што рече, успешно ја извлекла Грција од долгови, настанати по економската криза која ја зафати оваа земја во 2008 година.
„Се сретнав со премиерот. Имавме долг разговор. Имаше соработка цели четири години во Владата на национално единство... Две партии од различни области се здружија и успеаја да ја одвлечат Грција од меморандумите. Првата цел беше постигната“, изјави тој за новинарите по излегувањето од палатата Максимос.
„Прашањето за Македонија, прашање за кое илјадници беа убиени, не ми дозволува да не го жртвувам моето место во Владата“, додаде тој.
Каменос беше секогаш непријателски настроен кон Договорот со Република Македонија за решавање на спорот за името.
Партијата на Ципрас има 145 од вкупно 300 пратеници во грчкиот Парламент, додека партијата на Каменос има 7, па поради тоа, грчкиот премиер ќе мора да бара нов партнер меѓу опозициските партии доколку сака да биде ратификуван Договорот со Република Македонија.
Премиерот, исто така објави дека веќе го контактирал грчкиот претседател, барајќи од него да иницира процес за одржување на гласање за доверба на Владата, за да може да го заврши својот мандат во рамките на Уставот во октомври 2019 година.
Потсетуваме, со 81 глас „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“, Собранието на Република Македонија во петокот ги усвои уставните измени, со кои ќе се промени уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор).