Ahmet Gençtürk
13 Мај 2024•Ажурирај: 13 Мај 2024
АТИНА (АА) - Грција упати критики кон новоизбраната претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, бидејќи за време на заклетвата одбила да го изговори новото име на државата што се користи од Договорот со Грција во 2018 година, јавува Анадолу.
„Со овој чин очигледно се прекршува Договорот од Преспа, како и Уставот на соседната земја, кој е усогласен со меѓународните обврски. Грчката Влада, и покрај приговорите што ги искажа при ратификацијата на Договорот, го почитуваше како ратификуван меѓународниот договор што има предност во однос на која било друга законска одредба“, се наведува во соопштението на грчкото МНР.
Северна Македонија и Грција го потпишаа Договорот од Преспа во јуни 2018 година, според кој Македонија го смени името во Северна Македонија, а Грција го отстрани ветото за членство во НАТО.
Грција, исто така, предупреди дека нејзините билатерални односи со Северна Македонија и европскиот курс на Скопје ќе зависат од целосното спроведување на Договорот и „пред сѐ од употребата на уставното име на земјата“.
Гордана Силјановска-Давкова (71), прва претседателка на Северна Македонија, одби да каже „Северна Македонија“ за време на својата заклетва во неделата.
„Изјавувам дека должноста претседател на Македонија ќе ја извршувам совесно и одговорно, ќе ги почитувам Уставот и законите и ќе ги штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија“, рече Силјановска-Давкова на свеченоста во Собранието.
Кандидатката на десничарската ВМРО-ДМПНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, е избрана на петгодишен мандат во вториот круг од претседателските избори што се одржаа на 8 мај. Таа го победи социјалдемократот, претседател во заминување, Стево Пендаровски освојувајќи 65,14 отсто од гласовите.