Furkan Abdula
14 Февруари 2023•Ажурирај: 15 Февруари 2023
СКОПЈЕ (АА) – Од Скопје кон подрачјата во Туркије, кои на 6 февруари беа погодени од разорните земјотреси, денес тргнаа два камиони со хуманитарна помош, јавува Анадолу.
Амбасадорот на Туркије во Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок, и генералниот секретар на Црвениот крст на Северна Македонија, Саит Саити, по тој повод одржаа прес-конференција.
Турскиот амбасадор Секизќок, од своја страна, информира дека во координација со Амбасадата на Туркије преку разни невладини организации и компании досега реализирана е испорака на 850 тони прехранбени производи, 53 тони облека, 27 тони хигиенски материјали и 4.360 ќебиња, 186 греалки, 37 шатори, како и 18 агрегати.

„Изразувам благодарност до Северна Македонија која стои рамо до рамо со Туркије во надминувањето на овие тешки денови“, истакна Секизќок.
Тој рече дека постоечките длабоко вкоренети историски и меѓучовечки односи помеѓу Северна Македонија и Туркије уште еднаш се потврдуваат.
„Би сакал да истакнам дека на оваа моќна солидарност искажана во овие тешки денови секогаш турскиот народ со благодарност ќе се сеќава“, нагласи турскиот амбасадор.
Во однос на собраната финансиска помош, Секизќок рече дека заклучно со изминатиот петок во Туркије е трансферирана сума од близу милион евра, и нагласи дека кампањата продолжува:
„Сведоци сме на финансиската помош која се одлучува во советите на општините, тука се стопанските комори, Лекарската комора и низа други институции и установи од земјата, како и нашите браќа, нашите пријатели од земјава... исто така, имавме телевизиска програма која се одржа на една национална телевизија каде што исто беше организирана кампања за собирање финансиски средства.“
Тој изрази голема благодарност до спасувачките екипи не само од Северна Македонија, туку и од целиот свет, нагласувајќи дека тие ќе бидат испишани со златни букви во историјата и во срцата на турскиот народ.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саити, на прес-конференцијата информира дека до денес собрани се вкупно 25.120.773 денари парична помош, и два камиона со 800 пакети храна, 1.700 пакети со хигиенски средства и 4.000 ќебиња: „Заклучно со вчерашниот ден имаме 25.125.000 денари, од кои 12.900.000 денари се средства собрани од телефонските повици, а остатокот се уплати и придонеси на жиро-сметката на Црвениот крст.“
Тој апелира дека донираната материјална хуманитарна помош, согласно со потребите на луѓето во погодените подрачја и консултативните состаноци со Турската полумесечина, треба да биде пред сè во ќебиња, шатори и вреќи за спиење, газиени лампи.
Во двата разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтер, што на 6 февруари ги погодија јужните делови на Туркије со епицентар во Кахраманмараш, животот го загубија 31. 974 лица, а над 81.000 се повредени. Голем број спасувачки тимови сè уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.