Dzihat Aliju
11 Мај 2026•Ажурирај: 11 Мај 2026
Комесарката за проширување на Европската Унија (ЕУ), Марта Кос, изјави дека за сите држави од Западен Балкан постои место во ЕУ, јавува Анадолу.
Кос, во изјавата дадена пред почетокот на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ со земјите од Западен Балкан, рече дека денес ќе разговараат за клучни геополитички теми, почнувајќи со Западен Балкан.
„Имам многу јасна порака. За сите држави од Западен Балкан постои место во Европската Унија. Проширувањето е приоритет за Европската Унија. И ако нашите кандидати даваат резултати, тогаш и ние мора да дадеме и ние даваме“, изјави таа.
Кос потсети дека по 17 години првпат го формирале работното тело за договорот за пристапување за една нова земја, односно за Црна Гора.
„И последниот Евробарометар покажа дека народот на Црна Гора навистина е многу за членство во ЕУ“, истакна Кос.
Говорејќи за планот за раст, Кос нагласи дека имплементацијата во ова прашање оди добро.
„Во наредните денови ќе распределиме околу 200 милиони за Црна Гора, Албанија и Северна Македонија. Исто така, носиме опипливи резултати кога станува збор за постепена интеграција. Како што знаете, минатата недела Србија им се придружи на Албанија, Црна Гора и Северна Македонија во СЕПА“, изјави еврокомесарката.