Dzihat Aliju
17 Август 2026•Ажурирано: 17 Август 2026
Досега има 35 потврдени случаи и три смртни случаи од западнонилска треска во земјава, информираше министерот за здравство, Сашо Клековски, јавува Анадолу.
Клековски на денешната прес-конференција информираше за состојбата со западнонилска треска во земјава.
„Во моментот има 35 потврдени случаи и три суспектни на западнонилска треска, кои се во процес на дијагностицирање, а шестмина се во критична состојба и се наоѓаат на интензивна нега на Инфективната клиника. Од потврдените случаи, повеќето се згрижени на Клиниката за инфективни болести, а еден пациент е згрижен во приватна здравствена установа“, рече Клековски.
Според министерот, досега има три смртни случаи од овој вирус, а 15 се излекувани и се отпуштени од Клиниката за инфективни болести.
Тој истакна дека во моментов главниот град на Грција, Атина, е најактивното подрачје во Европа во однос на западнонилската треска, а случаи веќе има и во пограничните подрачја со Северна Македонија.
„Веќе се информирани сите инфективни одделенија, матичните лекари, семејните лекари, Клиниката за неврологија, а и невролозите генерално, така што подготвеноста и капацитетот за препознавање и дијагностицирање е тука“, истакна Клековски.
- Западнонилски вирус
За заштита од западнонилскиот вирус, кој најчесто се пренесува преку убод од комарци од родот Culex, нема достапна вакцина, а се препорачува заштита од убоди од комарци.
Се наведува дека инкубацискиот период од моментот на убодот од комарецот се движи од два до 14 дена, а кај лицата со ослабен имунитет овој период може да се продолжи до 21 ден.
Се посочува дека кај околу 80 отсто од лицата заразени со вирусот не се појавуваат никакви симптоми, додека кај приближно 20 отсто од пациентите може да се појават симптоми како треска, слабост, гадење и повраќање, главоболка и болки во мускулите.
Случаи на зараза со западнонилски вирус најчесто се регистрираат во Африка, Европа, Блискиот Исток, Северна Америка и Западна Азија.