Shpetim Hiseni
26 Август 2026•Ажурирано: 26 Август 2026
Денеска официјално започнаа градежните работи за втората фаза од автопатот Скопје - Блаце, во должина од 10,5 километри, што се очекува да биде завршена во рок од четири години и да се поврзе со 1,5-те километри автопат што веќе се изградени во близина на Граничниот премин „Блаце“, јавува Анадолу.
На церемонијата по повод почетокот на работите присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, премиерот на Косово, Албин Курти, како и владини функционери и претставници на проектот и неговите меѓународни партнери.
Во своето обраќање пред присутните, премиерот Мицкоски го оцени проектот како историски, додавајќи дека Владата предводена од него го имала како приоритет неговото реализирање.
„За граѓаните на двете земји ќе значи подобра економија, подобро поврзување, подобар транспорт и подобра размена“, рече Мицкоски, додавајќи дека овој проект, кој се реализира „по повеќе од 20 години“, претставува стратегиски приоритет за земјата.
„Бидејќи сме земја којашто не излегува на море, како држава да бидеме раскрсница на два многу значајни паневропски коридори, а тоа се Коридорот 8 и Коридорот 10“, рече премиерот.
Од друга страна, косовскиот премиер Курти рече дека денеска се поставуваат темелите на „нова и модерна врска меѓу двете земји“, додавајќи дека проектот „значително ќе ја зајакне инфраструктурната поврзаност меѓу Република Косово и Република Северна Македонија“.
„Но, неговото значење оди подалеку од инфраструктурата. Освен што ќе се скрати растојанието, ќе се олесни движењето и ќе се создадат нови можности за соработка за граѓаните и економиите на нашите две земји“, изјави Курти.
Како што информираше Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, кое е главен носител на проектот, во рамките на проектот е предвидена изградба на пет тунели, осум моста, 11 потпатници, четири галерии и девет потпорни ѕидови.
Финансирањето на проектот е обезбедено преку заем од 167,6 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), грант од 30,82 милиони евра од Рамката за инвестиции за Западен Балкан, како и средства од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта за експропријација.
Според Трајановски, автопатот ќе го скрати времето на патување, ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе ги намали трошоците за одржување на возилата. Постоечкиот пат ќе остане како алтернативна врска за локалното население и другите корисници.