Ihvan Radoykov
16 Март 2022•Ажурирај: 18 Март 2022
СОФИЈА (АА) - Техничката состојба на бугарската воздушна флота, која се состои од 15 борбени авиони „Миг-29“, од кои сите се од руско производство, ја доведе во прашање заштитата на воздушниот простор на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Румен Радев и премиерот Кирил Петков изразија различни ставови за безбедноста на националното небо.
Петков во изјава за медиумите посочи дека има проблеми со „воздушното полициско работење“, што го извршуваат бугарските авиони „Миг“, кои се на крајот од нивниот технолошки век.
Тој додаде дека тоа ќе го објасни на американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, кој на 18 март ќе ја посети Бугарија.
Истакнувајќи дека во моментов бугарските авиони „Миг“ не можат да бидат испратени во Русија, која е производител, на одржување и поправка, Петков додаде:
„Како можеме да го заштитиме бугарскиот воздушен простор во сегашното опкружување, како да продолжиме со обуката на нашите пилоти и дали можеме да го одржуваме нашите авиони на друго место?“
Воени експерти, потсетувајќи дека Бугарија во 2017 година потпишала договор од 40 милиони евра со Русија за одржување и поправка на авиони „Миг“, кои не ги исполнуваат стандардите на НАТО, истакнаа дека овој договор не може да се имплементира поради украинско-руската војна.
Меѓу другото, се потсетува дека другите две земји кои поседуваат капацитети за поправка на „Миг“ се Украина и Белорусија.
- Ставот на претседателот Радев
Од друга страна, претседателот Румен Радев, истакнувајќи дека моментално добиваат поддршка од авионите на шпанските и холандските воздушни сили, рече дека Бугарија треба сама да го заштити сопствениот воздушен простор.
Радев, кој е поранешен командант на воздухопловните сили, во изјавата за медиумите на оваа тема, рече: „Министерството за одбрана што побргу треба да одговори на прашањето дали одржувањето на нашите „Миг-29“ отсега може да го врши Руската Федерација. Воздухопловната полиција треба да ја вршат, ако е можно, бугарски авиони и пилоти. Ако не е можно, тоа треба да биде со друга сојузничка земја. Ако и тоа не е можно, треба да се најдат други привремени решенија најмалку до 2030 година.“
Претседателот Радев додаде дека бугарските авиони „Миг“ за една година треба да одат на одржување, а првиот од четирите авиони Ф-16, што земјата ги купи од САД, во Бугарија ќе пристигнат во 2025 година.