Admir Fazlagic
01 Јануари 2019•Ажурирај: 02 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, денеска, на првиот ден од Новата година, ги посети припадниците на Армијата на Република Македонија (АРМ) во касарната „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од Кабинетот на претседателот Иванов, тој на припадниците на АРМ кои извршуваат должност за време на Новогодишните празници им ја честита Новата 2019 година, посакувајќи им многу здравје, среќа и радост, како и исполнување на сите нивни очекувања.
„Очекуваме оваа година да биде успешна за Армијата, односно Армијата да го добие тоа што ѝ припаѓа, конечно да станеме членка на НАТО, да ја добиеме поканата и Македонија конечно да биде членка на НАТО“, истакна претседателот Иванов.
Се наведува дека Иванов имаше заеднички ручек со припадниците на АРМ во касарната „Чеде Филиповски-Даме“, а Новогодишните празници преку видеоконференциска врска им ги честиташе и на припадниците распоредени на јужната граница, како и на учесниците во мисиите во Авганистан, во Либан и во Босна и Херцеговина, на кои им посака успешно завршување на мисиите и враќање во своите домови.
Се додава дека Иванов, по повод Новогодишните празници упати честитки и до сите граѓани на Република Македонија, посакувајќи им како што се сплотени, радосни и среќни за време на празниците, така да бидат и во текот на целата година.
„Живееме во време кога се случуваат огромни промени, како кај нас, така и во регионот и во светот, и во овој период на големи промени, пред сѐ треба да останеме луѓе, да се почитуваме меѓу себе, да си веруваме и да се насочиме кон иднината, да обезбедиме посигурна иднина за сите наши поколенија“, рече Иванов.