Husameddin Gina
22 Ноември 2018•Ажурирај: 22 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Албанија, Илир Мета, кој денес допатува во Македонија по повод одбележувањето на 22 Ноември - Денот на албанската азбука, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во придружба на претседателот на Собранието, Талат Џафери и вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, денес прошетаа низ Старата скопска чаршија, јавува Anadolu Agency (AA).
Прошетката ја започнаа од паркингот пред влезот на Чаршијата, а истата заврши пред мозаикот (муралот) на плоштадот „Скендербег“.
Во изјавата за медиумите, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, истакна дека денеска се одбележува Денот на албанските преродбеници, додека носењето на азбуката, всушност го одредува правецот по кој треба да се движи албанскиот народ. „Денес, исто така ја славиме и годишнината од смртта на нашиот национален херој Скендербег“, изјави тој.
„Горди сме што успеавме да ги претвориме во споменици сите тие идеали кон кои тие се стремеа, почнувајќи од споменикот, овде, во стариот дел на Скопје, сѐ до меморијалот кој е тука пред нас“, рече Ахмети.
Претседаталот на Албанија, Илир Мета, нагласи дека е среќен што се наоѓа во Скопје во чест на Денот на албанската азбука, која, како што рече тој, „ги обедини сите Албанци и претходеше на независноста на Албанија.“
„Овде, во Скопје, би сакал да се осврнам на Фан Ноли, еден од големите ликови на албанската преродба и инспиратор на Битолскиот конгрес, кој има кажано дека Скендербег ќе остане засекогаш најживиот Албанец меѓу живите“, нагласи Илир Мета.
Инаку, Денот на албанската азбука или Битолскиот конгрес, го одбележува состанокот на десетици албански научници, одржан од 14 до 22 ноември 1908 година во Битола, со цел создавање на албанската азбука. На овој Конгрес, делегатите од Албанија и од албанските здруженија и клубови од целиот свет, ја донесоа одлуката за прифаќање на латиницата, со некои промени, адаптирајќи 36 букви на албански јазик.
За албанскиот народ, Битолскиот конгрес беше најважниот настан во почетокот на 20 век, заедно со прогласувањето на независноста на Албанија на 28 ноември 1912 година. Со ова, 22 Ноември останува ден за помнење за албанскиот народ, познат како Ден на азбуката.