Adel Omeragic
30 Мај 2018•Ажурирај: 30 Мај 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - НАТО-сојузниците Италија и Грција ќе започнат НАТО воздушни патроли над Црна Гора од 5 јуни, се соопштува од овој сојуз, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Бидејќи Црна Гора нема воени авиони, сојузниците ќе ѝ помогнат во обезбедувањето на воздушниот простор“, стои во соопштението од НАТО.
Од Брисел истакнуваат дека Црна Гора придонесува кон заедничката безбедност на Алијансата со испраќање војници во мисијата за обука на НАТО во Авганистан и давајќи финансиска поддршка на авганистанските безбедносни сили.
„Во знак на солидарност меѓу сојузниците, Италија и Грција ќе помогнат во заштитата на воздушниот простор на Црна Гора. Италијанските и грчките воени авиони и понатаму ќе бидат со база во нивните матични земји, и по потреба ќе бидат користени“, објаснуваат од НАТО.
Воздушното патролирање, како што се нагласува од НАТО, не е одговор на одредена специфична закана, туку е битна компонента што ја дава НАТО како сигурност на своите членки.
„Авионите за НАТО за воздушно патролирање полетуваат како одговор на воените или цивилните авиони во неволја или за воздухопловите кои не ги почитуваат меѓународните регулативи или пристапуваат во воздушниот простор на НАТО-сојузник“, стои во соопштението од Алијансата.