Zylfije Adem Jakupi
23 Април 2023•Ажурирај: 24 Април 2023
ПРИШТИНА (АА) - Во четири општини во северниот дел на Косово утрово се отворени гласачките места за вонредните локални избори, што се одржуваат по напуштањето на претставниците од Српската листа на косовските институции, известува Анадолу.
Граѓаните бираат градоначалници на Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, како и одборници за Собранието на Општина Звечан и Лепосавиќ. Во општините Северна Митровица, Звечан и Лепосавиќ отворени се по пет гласачки центри, додека во Општината Зубин Поток отворени се четири гласачки места.
Навреме е отворен еден од бирачките центри во Северна Митровица, што е сместен во контејнер-објект. Контејнерот го чуваат припадниците на Косовската полиција и е под надзор на камери. Првите гласачи со право на глас ја извршија својата граѓанска должност и гласаа.

Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово одлучи, врз основа на проценка на безбедносните сили, да отвори само шест од 44 вообичаени локации за гласање, главно во населбите во кои живее албанско население, како и 13 алтернативни бирачки центри во контејнерски објекти.
ЦИК одлучи и бројката на гласачки места да се намали од 69 на 34, додека бројката на гласачи по гласачко место е зголемена од 750 на 2.000 гласачи. Право на глас имаат повеќе од 45.000 лица.
ЦИК акредитираше 357 набљудувачи, кои претставуваат политички субјекти, медиуми, невладини организации и странски претставништва што се наоѓаат во Косово.

За изборите за градоначалник на општините Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, регистрирани се 11 кандидати кои доаѓаат од пет политички субјекти, додека за одборници во двете собранија на општините Звечан и Лепосавиќ, регистрирани се повеќе од 60 кандидати.
Три дена пред изборите, Партијата на косовските Срби се откажа од својата кандидатура во Општината Лепосавиќ, поради „непостоење на услови за нивно одржување“.
По повлекувањето на Партијата на косовските Срби, единствен кандидат на српската заедница остана Слаѓана Пантовиќ, како независен кандидат за градоначалник на Звечан.

Српската лиса, која не учествува на овие избори, ги повика Србите на општ бојкот, оценувајќи ги овие избори за недемократски.
Српската листа, најголемата партија на Србите во Косово, која е поддржана од Белград, не се пријави за учество на овие избори затоа што не се исполнети некои барања за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство и да се повлечат специјалните единици на Косовската полиција од северот на Косово.
Вонредните избори се распишани по напуштањето на сите претставници од Српската листа на косовските институции на северот од Косово во почетокот на ноември минатата година. Тогаш Србите ја напуштија и Косовската полиција и судството. Причина за напуштањето беше одлуката на Владата на Косово за задолжителна пререгистрација на возилата од старите српски (КМ) таблички на РКС.
Вонредните избори требаше да се одржат во декември, но се одложени за април поради лошата безбедносна ситуација, блокадите на патиштата од страна на Србите и нападите врз службениците на Централната изборна комисија.