15 Декември 2022•Ажурирај: 16 Декември 2022
ПРАГА (АА) - Косовскиот премиер Албин Курти денес официјално го поднесе барањето на својата земја за статус на кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Курти во Прага го поднесе барањето до Чешка, која претседава со ЕУ ова полугодие.
„Ова е историски ден за народот на Косово и голем ден за демократијата во Европа“, напиша Курти на Твитер, откако го предаде барањето на чешкиот министер за европски прашања, Микулаш Бек.
Ден претходно, челниците на косовските институции ја потпишаа апликацијата за членство на Косово во Европската Унија. На свеченоста што се одржа во Претседателството на Косово, апликацијата ја потпишаа претседателката Вјоса Османи, претседателот на Собранието Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти.
По поднесувањето на барањето за членство во ЕУ, Косово мора да помине низ три главни фази: добивање кандидатски статус, пристапни преговори и ратификација на договорот.
Косово е единствена земја од Западен Балкан која до денес немаше поднесено барање за членство во Европската Унија. Договорот за стабилизација и асоцијација досега е единствениот договорен однос меѓу ЕУ и Косово, кој стапи во сила на 1 април 2016 година. Од 27 земји членки на ЕУ, Косово не е признаено од пет држави: Грција, Шпанија, Кипар, Романија и Словачка.