Zülfiya Yakup
22 Октомври 2017•Ажурирај: 22 Октомври 2017
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот претседател, Хашим Тачи, ја изврши својата гласачка должност во Приштина, заедно со својата сопруга и синот, јавува Anadolu Agency (AA).
По гласањето Тачи им го честиташе на косовските граѓани овој посебен ден и ги повика масовно да излезат на гласачките места.
„Сакам да ги охрабрам да гласаат масовно, активно и динамично да учествуваат во овој важен изборен процес за идната локална власт во наредните четири години. Ѝ благодарам на Централната изборна комисија и на сите институционални механизми кои со голема посветеност работеа на организирање фер, слободни и демократски избори“, рече Тачи.
Тој изрази уверување дека сите политички механизми, Централната изборна комисија, граѓанското општество, медиумите, како и домашните и меѓународните набљудувачи, ќе бидат на висина на задачата со цел овој демократски испит за Косово да заврши со успех.
- ЦИК: До 15:00 часот гласаа 28.89 отсто од гласачите -
Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово соопшти дека до 15:00 часот гласале 532.288 лица, односно 28.89 отсто од гласачите.
„Врз основа на податоците испратени по електронски пат од гласачките центри за сите општини во Косово, до 15:00 часот гласале 532.288 лица, односно 28.89 отсто од гласачите“ истакна претседателката на Централната изборна комисија на Косово, Валдете Дака.
Во Косово, утрово во 7 часот беа отворени гласачките места за локалните избори. Се гласа во 899 избирачки центри, на 2.505 избирачки места во 38 косовски општини.
Со директно гласање 1.890.952 граѓани со право на глас во првиот круг бираат претседатели на општините, како и советници на општинските Собранија, кои ќе ја водат локалната власт во наредните четири години.
На локалните избори се натпреваруваат 91 политички субјект. За претседатели на општините се натпреваруват 204 кандидати, од кои само осум се жени, додека 6.887 кандидати се борат за 1.002 советнички места во општинските Собранија.
Локалните избори ги набљудуваат над 33 илјади набљудувачи, кои ги претставуваат политичките субјекти, невладините организации, меѓународните организации, амбасадите, како и домашните и странските медиуми.