Bojana Stojanovic
17 Мај 2018•Ажурирај: 17 Мај 2018
СОФИЈА (АА) - „Приближувањето на Западен Балкан ќе биде приоритет и за време на претседавањето на Австрија со ЕУ, а желбата е во тие шест месеци да биде постигнат виден напредок, особено во Србија и Црна Гора“, изјави денес во Софија австрискиот канцелар Себастијан Курц, јавува Anadolu Agency (AA).
При влегувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан кој се одржува денес во главниот град на Бугарија, Курц изјави дека Австрија смета оти постои добра перспектива на земјите од Западен Балкан за приближување кон ЕУ.
„Јасен е ставот на Австрија дека ги поддржува овие држави на нивниот пат кон ЕУ“, наведе Курц.
Зборувајќи за тоа дека Австрија од 1 јули оваа година го презема претседавањето со ЕУ, Курц изјави дека цел за време на тоа претседавање ќе биде напредок и приближување на Западен Балкан кон ЕУ.
„Особено сум оптимистичен за Србија и Црна Гора, а и кај Македонија се надевам дека ќе напредуваме во решавањето на спорот околу името“, наведе Курц.
Според неговите зборови, ЕУ некое време на Западен Балкан му нудеше премалку перспективи, но радува тоа што таа европска политика се промени.
Австрискиот канцелар повтори дека сите ќе продолжат да го поддржуваат иранскиот нуклеарен договор.
„Иран е земја со потенцијал, но овој договор е, исто така, добар поради нашата безбедност, бидејќи осигурува Иран да не развива нуклеарно оружје. Имаме неколку недели да се обидеме да го спасиме тој договор, доколку е тоа можно, сè уште не знаеме“, додаде Курц.
На Самитот, покрај шефовите на државите и владите на земјите членки и највисоки официјални претставници на ЕУ, присуствуваат и лидери од Западен Балкан. На Самитот учествува премиерот на Албанија, Еди Рама, претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, и премиерот на Македонија, Зоран Заев. Претседателот на Косово, Хашим Тачи, првпат дојде во Националната палата на културата, каде што се одржува Самитот, а потоа дојдоа и косовскиот премиер Рамуш Харадинај и министерот за надворешни работи, Беџет Пацоли.
Домаќин на состанокот е бугарскиот премиер Бојко Борисов, а со состанокот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Тој ја претставува ЕУ, како и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
Исто така, на Самитот учествуваат и претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, како и претставниците на Светската банка.
Борисов во Софија ги дочека Меркел, британската премиерка Тереза Меј и францускиот претседател Емануел Макрон, коишто дојдоа заедно до Националната палата на културата.