Bojana Stojanovic
15 Декември 2020•Ажурирај: 15 Декември 2020
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, допатува во посета на Србија, а на аеродромот „Никола Тесла“ го дочека шефот на дипломатијата на Србија, Никола Селаковиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лавров со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе присуствува на церемонијата на палење оган и полагање венец на Споменикот вечен оган, а потоа ќе го посети храмот „Свети Сава“, каде, како што е најавено, ќе положи цвеќе на починатиот патријарх Иринеј и ќе го прочита писмото на претседателот на Русија, Владимир Путин.
Лавров потоа ќе има состанок со Селаковиќ, по што се предвидени изјави за медиумите, а потоа и средба со претседателот Вучиќ.
Министерот за надворешни работи на Русија во Србија доаѓа по посетата на Босна и Херцеговина. Утринава во Сараево со него се состана само претседавачот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, додека членовите на Претседателството Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ одбија средба бидејќи за време на вчерашниот состанок со Додик во Источно Сараево немало знаме на БиХ, туку само на ентитетот Република Српска и знамето на Руската Федерација.