Husameddin Gina
10 Октомври 2018•Ажурирај: 11 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Генерално слепите и слабовидните лица во Македонија, како лица со најтешка категорија инвалидност, во секојдневниот живот се соочуваат со безброј проблеми, истакна Стерја Димов, генералниот секретар на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап - симболот на слепиот човек, јавува Anadolu Agency (AA).
Националниот сојуз на слепи на Република Македонија преку своите 17 општински и меѓуопштински здруженија им помага на 2.550 слепи лица од целата територија на Македонија.
Според Стерја Димов, генералниот секретар на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, физичките бариери за слепите лица се огромни.

„Пристапот до непосредната физичка околина, знаете дека нема многу активни патеки, нема звучни семафори, јавниот сообраќај не е озвучен, не знаете на која станица пристига автобусот. Тоа и за туристите не е добро, а не пак, за слепите лица. Физичките бариери се огромни. Ние како Сојуз на слепи се бориме за подобрување на нивниот живот, би сакале изградба на еден рехабилитационен центар за слепи“, изјави Димов.
Тоше Илиев, раскажувајќи за своето секојдневие како член на Сојузот, апелираше до надлежните институции да обезбедат литература за слепите лица, бидејќи како што истакна тој „сите ние сме интелигентни и сакаме да истражуваме“.
„Мора да го истакнам тоа дека премногу ни недостигаат озвучените семафори или какви било патокази што ќе нè водат до институциите и општо низ градот. Исто така, има недостаток и од аудиокниги, затоа што сите ние сме интелигентни и сакаме да истражуваме и да се надоградуваме“, рече Илиев.
Вангел Тркаљанов, советник на министерката за труд и социјална политика, нагласи дека како Министерство се обидуваат максимално да им излезат во пресрет на лицата со слепило и слабовидните лица.
„Ние, како Министерство за труд и социјална политика, развиваме сервиси коишто одат во прилог на слепите лица, еден од сервисите е и персоналната асистенција којашто им овозможува на лицата со тешка и најтешка попреченост да имаат право на персонален асистент што ќе им помага во секојдневниот живот“, рече Тркаљанов.
Одбележувањето на 15 Октомври како Меѓународен ден на белиот стап службено започнало во 1964 година.
На иницијатива на многубројните здруженија за рехабилитација во Америка, Конгресот во 1964 година го овласти претседателот Линдон Б. Џонсон, да го прогласи 15 октомври за Ден на белиот стап и да се одбелжува во целиот свет. Истиот ден се одбележува и во нашата земја. Имено, белиот стап како симбол на слепите лица е воведен во 1981 година за да им го олесни движењето на слепите лица меѓу автомобилите. Националниот сојуз на слепи на Република Македонија е формиран во далечната 1946 година, и речиси 7 децении дејствува како национална, инвалидска, непартиска, непрофтина хуманитарна организација од особено општествено значење.