Ekipa
02 Декември 2018•Ажурирај: 03 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, приведе три лица поради недозволена трговија со дрога, пренесува Аnadolu Agency (AA).
Одделот при МВР, во координација со канцеларијата на ДЕА во Атина (служба за борба против дрога на САД), како и со службите за борба против дрога на Црна Гора и Косово, приведе две лица од Црна Гора и едно лице од Перу.
„До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против М. Ѓ. (61) и А. Ѓ. (24), двајцата од Црна Гора, како и против Ј. Ц. А. Г. (48) од Перу поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело: неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, се вели во соопштението на македонското МВР.
Во соопштението се истакнува дека во текот на месец ноември, М. Ѓ. и А. Ѓ. од лице од Перу набавиле наркотична дрога кокаин за понатамошна продажба. Потоа бил ангажиран Ј. Ц. А. Г. да го пренесе кокаинот од Перу до Македонија, а потоа преку Косово до Црна Гора.
На 30.11.2018 година Ј. Ц. А. Г. пристигнал во Скопје преку скопскиот аеродром и по преземените мерки од полициските службеници бил лишен од слобода. Истиот ден од слобода се лишени и М. Ѓ. и А. Ѓ.